В НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ОДРЖИ ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА РФМ

Изборното собрание на Ракометната федерација на Македонија ќе се одржи в недела, на 31 јануари. Според досегашните достапни информации, најголемиот број ракометни клубови во земјава, вклучувајќи ги и водечките, се изјасниле за континуитет и останување на Живко Мукаетов на челната позиција во РФМ. Дополнително, се огласи и капитенот на нашата репрезентација, Кире Лазаров, кој изрази безрезервна поддршка и одобрување за одлуката на Мукаетов да се кандидира за нов четиригодишен мандат на чело на Федерацијата.
За потсетување, Мукаетов стана претседател во 2013 година во спортот што е број еден во Македонија. Машката репрезентација има континуитет на настапи на големите натпреварувања, во неговиот мандат земјава организира неколку европски и светски првенства во младински категории, а следната година ќе бидеме и коорганизатори на ЕП во женска конкуренција, заедно со Словенија и со Црна Гора.
Во секој случај, Мукаетов со своето доаѓање на чело на Федерацијата најави и започна неколку интересни проекти, кои во изминатиов период успешно се реализираа. Се разбира, не секогаш работите одеа како што се очекуваше, но во секој случај, поддршката на клубовите зборува сама за себе дека работите се одвивале во позитивна насока и дека во наредниот период ќе треба недовршените да се заокружат, а најавените да доживеат успешна реализација.

Токму затоа поддршката за програмата на актуелниот претседател на РФМ заслужува внимание и поддршка, бидејќи сите заедно сакаме ракометот и натаму да остане спорт број еден во земјава и да продолжиме да се радуваме на успесите на нашите ракометари и на репрезентативен, но и на клупски план.
Но, сепак, целата оваа атмосфера околу изборот не би требало да се претвори во еуфорија, туку, напротив, со студена глава сериозно да се анализираат работите. Сериозна федерација со сериозни програми и проекти заслужува сериозна анализа. Секоја чест за претседателот, кој ги постави стратегиските правци за развој на националниот ракометен спорт, но не треба да се замижи на некои работи што навистина заслужуваат да се погледнат со широко отворени очи. Факт е дека се направија одредени недоследности, не од страна на првиот човек, туку од оние што требаше да ги спроведат востановените програми. Пониските ешалони на РФМ не смеат да дозволат да се распара утврдениот долгорочен концепт што даваше добри резултати. Сето тоа е во интерес на ракометот, клубовите, играчите и ракометните работници воопшто.

Ракометот во Македонија не започнува ниту, пак, завршува в недела. Напротив, тој продолжува со уште поголем елан. Се очекува да се заокружи едно поглавје на долгорочната програма на РФМ, а да продолжи наредното, во полн капацитет и со истиот кормилар. Добрите но и помалку добрите страни на проектот се дијагностицирани. Останува само да се даде поддршката и заради повисокиот заеднички интерес, а тоа е напредок на националниот ракометен спорт, да се вратиме што поблиску до врвот на европскиот ракомет, онаму каде што навистина припаѓаме. С.Р.