Подготовките на машката сениорска репрезентација на Македонија за настапот во Европската лига 2026 ќе започнат една недела порано од претходно договореното. Селекторот Јошко Миленкоски побара, а Федерацијата одобри најдобрите одбојкари првиот собир да го имаат на 6 мај во Крушево.
ИО на ОФМ позитивно одговори на оваа промена свесен за она што ја очекува репрезентацијата – учеството во Европската лига 2026 за Македонија, која има двојно значење, како прв дел од квалификацискиот циклус за континенталниот собир во 2028 година, но истовремено и како прв дел од подготовките за настапот на Европското првенство 2026 во септември во Софија.
Првиот дел од подготовките Миленкоски и неговите избраници ќе ги одработат во Крушево, додека останатиот дел од програмата нема да претрпи промени.
Од 13 мај репрезентацијата ќе биде стационирана во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе се подготвува две недели. Финалната проверка на формата Македонија ќе ја има со пријателски натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај во Подгорица.
Машката репрезентација првиот турнир во Европската лига 2026 го игра на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург.
Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.



































