Поранешниот прв човек на македонката одбојка Марјан Јованов – Мане, почина на 58-годишна возраст, објави денеска Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Јованов беше претседател на ОФМ во периодот од 2007 до 2009 година и во неговиот мандат беа поставени темелите врз кои подоцна се изградија најголемите успеси на македонската машка сениорска репрезентација на меѓународната сцена.
Поради професионалните обврски, по две години на чело на Федерацијата се повлече од функцијата, но зад себе остави јасна визија, стабилна организација и тим на луѓе кои продолжија посветено да работат за развојот на македонската одбојка.
Како искрен спортски вљубеник и долгогодишен спортски работник, Јованов и по завршувањето на својот мандат остана близок до одбојката, секогаш подготвен да даде поддршка, совет и искрена помош.
Јованов ќе биде погребан утре на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, објави ОФМ, изразувајќи „сочувство до семејството, роднините, пријателите и сите што имаат чест да го познаваат“.




































