Фото: ЕПА

Во фокусот се можни рекорди во постигнати поени, тројки…, продолжување серии за погодени тројки, постигнат двоцифрен број поени на меч, надминување граници во поени (40.000) и триплдабл-ефекти (200), славење јубилеи, како таа на тренерот со најмногу победи во НБА, на дебито на тројца од најпознатите играчи, на првото пензионирање на Мајкл Џордан, на неговиот познат „шут“…

КОШАРКА – НБА

Како што кошаркарската НБА-лига влегува во својата 77. сезона и публиката очекува уште една возбудлива сезона, има дополнителна возбуда околу значајните јубилеи што треба да се достигнат во сезоната 2023/2024, пишува ЕСПН. Едно потенцијално достигнување на кое треба да се внимава е тоа на Џејмс Харден, 10-кратниот олстар-играч, кој е на 220 тројки за да го помине Реј Ален за да биде втор на таа листа во НБА. Од поединечни играчи што ги впишуваат своите имиња во книгите на рекорди, како што се Леброн Џејмс и Расел Вестбрук, до големи натпревари и моментите за победа, во продолжение издвојуваме некои рекорди што може да бидат соборени, пишува ЕСПН.

ПОЕНИ

Џејмс постигна еден од најголемите рекорди во НБА во минатата сезона, кога го мина Карим Абдул-Џабар и стана најдобар стрелец на сите времиња. Џејмс пред почетокот на сезонава имаше 38.652 поени и е на 1.348 поени од постигнување 40.000 поени, што ќе го запише неговото име во книгата на рекорди како прв играч што ја постигнал таа бројка. Во минатата сезона тој постигна 1.590 поени и, според просекот во кариерата на Џејмс во поени по натпревар (27,2), тој може да ја достигне оваа бројка до неговиот 49-ти меч сезонава.
Кевин Дурент исто така сака да напредува на таа листа, бидејќи му требаат 518 поени за да ги помине Хаким Олаџувон, Елвин Хејс и Мозес Мелоун за 10-то место според бројот на поени. Неговиот просек во кариерата во поени по натпревар е 27,3. Ако Дурент сака да напредува уште на листата, ќе му требаат 1.705 поени за да ги помине Шекил О’Нил и Кармело Ентони за осмото место на вечната листа на стрелци. Тој може да ја стигне таа бројка до неговиот 62. натпревар сезонава. Сепак, Дурент нема одиграно повеќе од 55 натпревари во една сезона од сезоната 2018/2019, пишува ЕСПН.

СЕРИИ

Две од најголемите имиња во лигата ќе се обидат да ги задржат своите соодветни серии поени. Џејмс влезе во својата 21. сезона и постигна повеќе од 10 поени во 1.151 последователен натпревар во регуларниот дел од сезоната. Тој ја зголеми најдолгата серија во историјата на НБА на отворањето на сезоната на Лос Анџелес Лејкерс на мечевите со бранителот на титулата Денвер и со Феникс.
Стивен Кари, кој го држи рекордот за три поени (3.390) откако го надмина Реј Ален во 2021 година, исто така ќе се обиде да ја зголеми својата серија постигнувања од надвор од линијата за три поени. Кари постигна барем една тројка во 245 натпревари по ред во регуларниот дел од сезоната, што ја прави најдолгата серија тројки во историјата на НБА. Покрај тоа, тој го држи рекордот за повеќекратно реализирани тројки, откако го прави тоа во 56 последователни натпревари во регуларниот дел од сезоната. Кари ги продолжи сериите на првиот меч сезонава на Голден стејт вориорс, на дуелите со Феникс и со Сакраменто.

ТРИПЛ-ДАБЛ

Вестбрук го држи рекордот за најмногу трипл-даблови (двоцифрен ефект во три статистички категории) во кариерата со 198. Тој влезе во својата 17-та сезона и прва целосна со ЛА клиперс и му требаат два триплдабл-ефекти за да стане првиот играч со 200. Најблизок активен играч до рекордот на Вестбрук е Џејмс, кој има 107 трипл-даблови и само еден помалку од Џејсон Кид на четвртото место. Најкорисниот играч (МВП) на финалето за 2023 година, Никола Јокиќ, има 106. Харден исто така може потенцијално да се искачи на табелата, откако тој е на пет триплдабл-ефекти од Вилт Чембрлен на седмото место на листата.

ГОДИШНИНИ

Од рекордни победи до незаборавни шутеви за победа, има неколку историски моменти што се одбележуваат сезонава.
Ќе има петгодишнина од тоа кога тренерот на Сан Антонио, Грег Попович, стана тренер со најмногу победи во историјата на НБА, на 13 април 2019 година, кога ја забележа својата 1.413-та победа, минувајќи го Лени Вилкенс. Попович беше главен тренер на Сан Антонио од 1996 година и го предводеше клубот до пет титули во НБА. Во почетокот на август тој беше примен во Кошаркарската куќа на славните. Тој работи и за тоа да го води Сан Антонио повторно во плејофот сезонава, откако ги пропушти изминатите четири.
Вчера беше 20-годишнина од дебито на Џејмс (Кливленд), Кармело Ентони (Денвер) и на Крис Бош (Торонто) во НБА. На 29 октомври 2003 година некои од најпознатите играчи дебитираа во НБА. Џејмс, првиот избор на драфтот во 2003 година, ја оправда довербата, бидејќи тогаш 19-годишниот играч постигна 25 поени, девет асистенции и четири украдени топки во поразот од Сакраменто со 106-92. Ентони настапуваше 20 сезони, а Бош одигра 13.
Годинава е и 30-годишнината од првото пензионирање на Мајкл Џордан. На 6 октомври 1993 година, Џордан првпат објави дека завршува со настап во НБА. Откако помина девет сезони во Чикаго, тој најави предвремено пензионирање само четири месеци откако го предводеше тимот до третата титула по ред, по победата во серија од шест натпревари над Феникс.
Сезонава ќе има и три и пол децении од „шутот“. На 7 мај 1989 година Џордан го постигне својот познат кош со звукот на сирената, во НБА-плејофот во 1989 година. Во петтиот натпревар против Кливленд, Џордан постигна кош за победата на Чикаго со 101-100 за триумф во серијата. Н.М.