Фото: Игор Бансколиев

Ревизијата на историјата, менувањето учебници и заедничкото славење историски личности и настани по диктат на друга држава се апсолутно неприфатливи и се грубо мешање во внатрешните работи на Р Македонија, со кое се загрозува суверенитетот. Историското и културното наследство, пишувањето историја и учебници се суверено право на секоја држава

Комисијата за историски прашања легитимира концепт за измислена „заедничка историја“

Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања треба да придонесе за објективно толкување на историските настани и личности врз основа на автентични историски извори, но комисијата од самото нејзино основање предизвикува контроверзии. Уште од самиот почетокот имаше навестувања за политизирање на комисијата, а пошироката македонска јавност негодуваше на комисиската работа поради постојаните пораки што пристигнуваа од Софија дека македонските историски, јазични и културни особености не постојат пред 1944 година.
Контроверзиите се засилија кога проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од функцијата член на комисијата поради одредени политички притисоци, а нештата уште повеќе се усложнија со вториот билатерален протокол и усвојувањето на т.н. француски предлог, бидејќи од одлуките на историската комисија зависат македонските евроинтегративни процеси, а тоа предизвикува маглива и нејасна претстава за самата европска процедура.

Контроверзии во континуитет

Дискутабилноста не завршува со горенаведеното, туку мора да се земе предвид и постојаното барање за „заедничка историја“ помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, како и одредените навестувања дека бугарското видување за македонската историја треба да биде соодветно стипулирано во македонските историски учебници, во смисла дека средновековниот македонски владетел Самоил е бугарски цар или Охридската архиепископија е бугарска црква.
Сето ова предизвикува негативни реакции во македонското општество, а критики и осуди за активностите на комисија беа искажани и од страна на македонската научна фела, но и од голем број експерти и интелектуалци.
Во оваа конотација со свој став излегоа и повеќемина интелектуалци, експерти и аналитичари од т.н. „Морален суд – Македонска вистина“, граѓанска инцијатива што е насочена кон заштита на македонскиот идентитет, но и утврдување на моралната одговорност на носителите на јавни функции што со своите постапки ги нарушуваат македонското национално достоинство и очекувањата и чувствата на македонските граѓани, како и запоставувањето на јавното мислење и изложените критики во македонското општество.
За овие активности, аналитичарот Сотир Костов вели дека имаат цел да ја разбудат свеста, а особено совеста, на Македонците, кои по сите основи се нападнати во поглед на името, идентитетот, културата и историјата, како од меѓународни натрапници и некои комшии, така и од домашни чинители.
– Ние формираме, Македонски манифест формираше македонски суд, македонска вистина. Ние морално осудуваме бидејќи во период кога морално еродираме како држава и заедница, цениме дека ја правиме вистинската работа бидејќи мислиме дека историјата не треба да биде служителка на политиката. Со оваа комисија се прави токму тоа. Историјата се пишува на историски симпозиуми, конгреси, јавни научни трибини итн., а не по диктат на политичарите – вели аналитичарот Сотир Костов.
Конкретно за историската комисија, интелектуалците и експертите од споменатата граѓанска иницијатива сметаат дека македонски членови во заедничката историска комисија имаат несоодветна наобразба за извршувањето на работите што им се доверени од македонската влада, а сепак прифатиле да работат на утврдување основи за заедничка историја со Бугарија и донеле препораки за заедничко славење историски личности и настани.
– Свесни за својата некомпетентност и отсуство на стручна подготовка, како и за штетните последици од своите препораки, свесни за гневот на експертската и пошироката јавност, цели три години ги криеле своите препораки, немајќи храброст да се соочат со јавноста. Сосема свесно, со умисла ги игнорирале досегашните научни историски факти на македонската историја на оваа тема и не се консултирале со експертите за средновековна историја – посочуваат од споменатата граѓанска инцијатива.

Историската комисија ја толкува историјата на бугароцентричен начин

Од „Моралниот суд – Македонска вистина“ исто така потсетија на реакциите и револтот на експертската и пошироката јавност по објавувањето на препораките на заедничката комисија, како и фактот дека повеќе од 100 доктори на науки, меѓу кои и 12 академици, писмено се обратија до јавноста и ги отфрлија препораките како ништовни и невалидни.
– Препораките ја ревидираат македонската и регионалната балканска историја, поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност. Билатерални препораки за историја што е од мултилатерален и унилатерален карактер не може да се официјализираат како „заедничка“ бугарско-македонска историја. Препораките промовираат метод на пристрасно толкување на историски факти, личности, настани и процеси што се значајни за повеќе народи, култури, држави и епохи. Во препораките македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. Македонската историја претставува суверен интерес на Р Македонија, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување, нагласуваат од „Моралниот суд – Македонска вистина“.
Интелектуалците и експертите од споменатата граѓанска инцијатива исто така посочуваат дека се консултирале со дел од најголемите експерти за средновековната историја, како и со други соодветни специјалисти и доктори по науки. Споменатите специјалисти меѓу другото укажале дека преку историската комисија се легитимира политичкиот концепт за некаква измислена „заедничка историја“ и се експлоатира за идентитетско негирање на постоењето на македонскиот народ и јазик.
Од „Моралниот суд – Македонска вистина“ сметаат дека ревизијата на историјата, менувањето учебници и заедничкото славење историски личности и настани по диктат на друга држава се апсолутно неприфатливи и ги сметаат за грубо мешање во внатрешните работи на Р Македонија, со што се загрозува суверенитетот. Историското и културното наследство и пишувањето историја и учебници се суверено право на секоја држава.