Фото: Фејсбук/ТФТ

ТФТ го совлада бранителот на трофејот МЗТ Скопје со 80-66 во финалето на кошаркарскиот Куп на Македонија, одиграно вечерва во СРЦ „Кале“ во Скопје.

ТФТ кој е прволигаш две години, на тој начин го освои првиот трофеј во четиригодишната клупска историја. ТФТ стана деветтиот клуб кој го освоил Купот, истовремено спречувајќи го МЗТ Скопје да стигне до рекордниот 11-ти трофеј во натпреварувањето (со вечниот ривал Работнички имаат по 10).

Ландриус Хортон забележа 23 поени и седум скока кај победничката екипа, додека Амир Смит оствари дабл-дабл учинок со 12 поени и 17 скока. Најпрецизен кај МЗТ Скопје беше Роберт Рикиќ со 16 поени.

Кошаркарскиот Куп од претходната сезона го носи името „Благоја Георгиевски-Буштур“ во чест на легендата на македонската кошарка.


Кошаркарките на Баскет Кам 2011 го одбранија трофејот

Во возбудливо финале во кое победникот беше одлучен по продолжение, кошаркарките на Баскет Кам 2011 го совладаа вечерва во Скопје Бадел 1862 со 64-61 (58-58, 37-30) и го одбранија трофејот во Македонскиот куп „Благоја Георгиевски – Буштур“.

За екипата од Македонска Каменица ова е втора куп титула, додека Бадел 1862 остана на трите трофеи под тоа име освоени во серија (2017, 2018 и 2019).

Најефикасна во редовите на Баскет Кам беше српската интернационалка Кристина Пуљизовиќ со 23 поени и 17 скокови, додека Александра Стојановска со 22 кошеви беше најистакната во составот на Бадел 1862.