Фото: ЕПА

Македонија и Полска никогаш не играле меѓу себе на ЕП. Полска е квалитетна селекција, која в година ќе настапи 30-ти пат на ЕП, а досега освои едно сребро (во 1963 година) и три бронзи (1939, 1965, 1967). На ЕП 2022 го освои четвртото место, за селекцијата играат кошаркари што настапуваат во четири европски лиги (Италија, Германија, Грција и Србија), капитен е искусниот Матеуш Понитка (Партизан)… Во првото коло двете селекции загубија, Македонија од Естонија, а Полска од Литванија

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе биде пред нов предизвик во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, на гостувањето кај репрезентацијата на Полска (од 18 часот), четвртопласирана селекција на претходното ЕП, играно во 2022 година. Македонија, која е во групата Х, заедно и со Литванија, по поразот во првиот меч од Естонија во Скопје со 69-74, ќе настојува да ја изненади Полска. Во вториот натпревар од овој прв февруарскиот циклус, денеска играат и Естонија и Литванија (18 ч.), која во првиот меч на свој терен ја победи Полска со 83-64.
На ЕП 2025 ќе играат двете најдобропласирани од оваа група, како и Полска, како еден од четирите кодомаќини на континенталниот шампионат в година (заедно со Финска, Кипар и со Летонија).
– Во мечот со Полска, иако се работи за домаќин на ЕП, бодовите важат. Го гледавме нивниот натпревар со Литванија, го анализираме и ќе се обидеме да победиме на гости. Нема од што да се плашиме, ништо не можеме да загубиме, може само да добиеме. Успешно ги поминавме претквалификациите, сега на ред е ЕП – вели селекторот Александар Јончевски.
На дуелот со Естонија, дебитантот, центарот Итан Хап (27), постигна 18 поени, а оствари и 10 скока и по четири блокади и украдени четири.

– Атмосферата против Естонија беше посебна, можеше да се почувствува таа енергија во салата, што, пак, беше мотивација плус за нас. Игравме добро, но проблемот дојде во второто полувреме кога направивме многу грешки. Се боревме, но ќе треба да прикажеме многу повеќе на натпреварот што нѐ очекува во Полска – вели Хап.
Полска е квалитетна селекција, која в година ќе настапи 30-ти пат на ЕП, а по бројот на вкупно освоени медали (четири), од кои едно сребро (во 1963 година) и три бронзи (1939, 1965, 1967) е на 14-то место од 18 држави, носители на најмалку еден медал. На ЕП 2022 го освои четвртото место (вкупно забележа пет победи и четири порази).
Во составот на селекторот, Хрватот Игор Миличиќ, има четворица двометраши, а највисок е Александар Балцеровски (2,15 м), кој игра во Панатинаикос (Грција). Просечната височина на кошаркарите е 1,99 м. Во селекцијата играат кошаркари што настапуваат во четири европски лиги (Италија, Германија, Грција и Србија). Капитен е искусниот Матеуш Понитка (1,98 м), кој ги брани боите на Партизан.
Македонија и Полска никогаш не играле меѓу себе на ЕП. Двете селекции заедно настапиле на неколку ЕП, во 2009 година во Полска беа на делба на 9-10 место, во 2011 година црвено-жолтите го остварија најдобриот пласман, четвртото место, Полска беше 17-та, две години подоцна Македонија и Полска беа на делба на 21-то место, а во 2015 година Македонија го освои 19-то, а Полска 11-то место. Г.И.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП, 1. КОЛО

ГРУПА А: Словенија – Украина 87-73, Португалија – Израел 70-72. Второ коло (вчера): Словенија – Израел, Украина – Португалија.
ГРУПА Б: Исланд – Унгарија 70-65, Италија – Турција 87-80. Второ коло (вчера): Унгарија – Италија, Турција – Исланд.
ГРУПА Ц: Словачка – Белгија 60-75, Шпанија – Летонија 75-79. Второ коло (вчера): Летонија – Словачка, Белгија – Шпанија.
ГРУПА Д: Шведска – Бугарија 84-70, Германија – Црна Гора 85-61. Второ коло (вчера): Бугарија – Германија, Црна Гора – Шведска.
ГРУПА Е: Кипар – БиХ 66-99, Франција – Хрватска 73-61. Второ коло (денеска): БиХ – Франција, Хрватска – Кипар.
ГРУПА Ф: Велика Британија – Холандија 98-94, Грција – Чешка 72-64. Второ коло (денеска): Чешка – В. Британија, Холандија – Грција.
ГРУПА Г: Данска – Грузија 75-69, Србија – Финска 77-61. Втoро коло (денеска): Финска – Данска, Грузија – Србија.
ГРУПА Х: Литванија – Полска 83-64, Македонија – Естонија 69-74. Второ коло (денеска, 18 ч.): Полска – Македонија, Естонија – Литванија.