Парижани го совладаа дома Лондон со 99-86 во првиот меч од полуфиналната серија. Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс имаше одличен настап, со што ја зацврсти неговата кандидатура за најкорисен кошаркар (МВП), пишува Еврокупот
КОШАРКА – ЕВРОКУП
Кошаркарите на Париз (Франција) го совладаа на свој терен Лондон (Велика Британија) со 99-86 (30-27, 24-22, 25-8, 20-29), а во втората полуфинална средба во Еврокупот француски Бург на свој терен го победи турски Бешикташ со 86-74.
Ти Џеј Шортс имаше одличен настап за Париз, со што ја зацврсти неговата кандидатура за најкорисен кошаркар (МВП), со 23 поени (шут за два поена девет погодени од 11 удари), шест скока, седум асистенции и три украдени топки, пишува Еврокупот на својата интернет-страница. Шортс лани беше МВП на Лигата на шампионите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), во која ја освои титулата со германски Бон.
– Едноставно се задржавме на нашиот идентитет, играјќи со брзина, изнудувавме тешки шутеви, излегувајќи и правејќи ги работите што нѐ доведоа тука – рече Шортс, пренесе Еврокупот, за фантастичниот почеток на неговиот тим во третата четвртина. – Мислам дека тоа е она што го направивме за да го почнеме второто полувреме и тоа малку го зголеми водството. А потоа оттаму се чувствувавме посигурно и можевме да го затвориме натпреварот – вели македонскиот репрезентативец, кој оствари 33 индекс-поени, највисоки во неговиот тим, за 26,33 минути на теренот.
Во лондонскиот тим најефикасен беше Дејвид Нваба со 24 поени, а забележа и пет скока. Реваншот помеѓу Лондон и Париз се игра утре (20.30 ч.) во Лондон, а евентуалната мајсторка е во Париз, на 3 април. Реваншот помеѓу Бешикташ и Бург е закажан за утре во Истанбул (18.45 ч.). Г.И.