Предводникот на канадскиот клуб, Торонто, Никс Нерс, е прогласен за тренер на годината во НБА-лигата. Под негово раководство Торонто, до прекинот, заврши на второто место во лигата со 53 победи на 72 натпревари (73,6 отсто успешност), со што постави нов клупски рекорд.
По продолжувањето на регуларната сезона, а прекината поради ковид-19, кошаркарите на Торонто забележаа седум победи на осум натпревари. Во плејофот, Торонто води против Бруклин со 3-0 и е на една победа до пласман во конференциското полуфинале.
Но возбудувањата во доигрувањето на НБА-лигата продолжуваат. Така, Оклахома во драматичен натпревар, дури по продолжението, го победи Хјустон со 119-107 (23-29, 34-34, 21-19, 26-22, 15-3) и моменталниот резултат е 2-1 за Хјустон. Уште пред почетокот на плејофот се говореше дека оваа серија во Западната конференција може да биде и најнеизвесна.
Во другите дуели од оваа рунда, Мајами ја победи Индијана (124-115) и поведе со 3-0, а Лос Анџелес лејкерс беше поуспешен од Портланд (116-108), со што поведе со 2-1.