За ждрепката за ЕП 2024, УЕФА ги распоредува репрезентациите според нивните резултати во квалификациите. Во првиот барабан ќе биде домаќинот на шампионатот, Германија, како и петте најдобри селекции во целиот квалификациски циклус. По мечевите во четвртокот, Португалија прва го обезбеди местото во најсилниот барабан. Ждрепката на групите е предвидена да се влече на 2 декември во Хамбург
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Покрај трката уште за десетина слободни места на фудбалското Европско првенство (ЕП) в година во Германија, се одвива и трката и меѓу веќе пласираните репрезентации, за влез во првиот барабан за ждрепката на групите, предвидена да се влече на 2 декември во Хамбург. Во првиот барабан ќе биде домаќинот на шампионатот, Германија, како и петте најдобри репрезентации во целиот квалификациски циклус.
За ждрепката на завршниот турнир, Европската фудбалска унија (УЕФА) ги распоредува репрезентациите во согласност со нивните резултати во квалификациската групна фаза, а за да се одреди вкупното рангирање на европските квалификации, резултатите против тимовите на шестото место се отфрлаат и се применуваат следните критериуми: позиција во групата, поголем број бодови, подобра гол-разлика, поголем број постигнати голови, поголем број постигнати голови на гости, поголем број победи, пониски дисциплински бодови засновани на жолти и црвени картони добиени од играчите и од официјалните лица на репрезентациите, позиција во вкупното рангирање на Лигата на нациите, пишува во правилата на УЕФА.
Така, по мечевите во четвртокот, репрезентацијата на Португалија прва го обезбеди местото во најсилниот барабан, покрај Германија. Европскиот првак од 2016 година има максимален ефект, од седум победи на седум натпревари (не сметајќи ги резултатите со шестопласираната селекција во таа група), а без загубен бод, но од шест меча досега, е селекцијата на Франција. За влез во првиот барабан уште се во игра и репрезентациите на Шпанија (шест победи, без реми, еден пораз), Англија (5-1-0), Турција (5-1-1), Белгија (5-2-0), Австрија (6-1-1)…
На континенталното првенство ќе настапат, покрај Германија, првопласираните две селекции од секоја од десетте квалификациски групи и трите селекции што ќе победат во плејофот од Лигата на нациите. По натпреварите во четвртокот, пласман на ЕП 2024 обезбедија 11 репрезентации, и тоа Германија (како домаќин), Австрија, Белгија, Англија, Франција, Португалија, Шкотска, Шпанија, Турција, Унгарија и Словачка.
И на Европското првенство в година ќе настапат 24 репрезентации, како што беше и на првенствата во 2016 и во 2021 година. Пред ждрепката селекциите ќе бидат поделени во четири барабани, според ефектот на пласираните селекции во квалификациите. Во последниот четврти барабан ќе бидат и трите репрезентации што на ЕП 2024 ќе се пласираат низ плејофот во лигите А, Б и Ц во Лигата на нациите. Во тој плејоф ќе играат 12 репрезентации што не обезбедиле место на европскиот шампионат низ квалификациите, но имаат висок пласман во третото издание на Лигата на нациите. По средбите во четвртокот тоа место го обезбедија репрезентациите на БиХ, Финска, Грузија и на Луксембург. Н.М.