Фото: РФМ

ПОЧНУВА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРИ ДО 20 ГОДИНИ

  • Црвено-жолтите на ЕП 2026 денеска ќе играат со Норвешка, утре со Хрватска и в сабота со Данска. Ова ЕП ќе биде и квалификациско за пласман на младинското СП 2027 во Македонија

Машката младинска репрезентација на Македонија за ракометари до 20 години, предводена од селекторот Игор Илиевски, по успешно реализираните подготовки и одиграните контролни натпревари, денеска го почнува настапот на Европското првенство (ЕП) во романските градови Клуж и Турда.
Црвено-жолтите надежи се во групата Д, заедно со селекциите на Норвешка, со која ќе играат денеска (13.30 ч.), Хрватска (утре, 13.30 ч.), која има освоено едно сребро (ЕП 2012), и со Данска (в сабота, 13.30 ч.), која четири пати била европски првак. Сите дуели во групата Македонија ќе ги игра во Клуж, каде што треба да се игра и финалниот меч на ЕП 2026.
Македонија е подготвена за големиот предизвик, а показател за тоа се и четирите победи на исто толку контролни дуели во подготвителниот период. Така, двапати беше совладана репрезентацијата на Саудиска Арабија (35-26 и 22-21), потоа Грција (29-25) и Италија (30-22).
Во главната групна рунда на ЕП 2026 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од шесте групи, одат и најдобрите две третопласирани селекции, а преостанатите ќе се борат за пласман од 9. до 16. место.

Групата во која е Македонија во втората фаза ќе вкрсти со групата Ц, каде што се репрезентациите на Исланд, Шпанија, Австрија и на Летонија. Македонија во 2002 година на ЕП во Полска го постигна најголемиот успех, кога во мечот за бронза загуби (30-33) од тогашна Југославија и го освои 4. место.
Титулата на ЕП 2024 ја освои Шпанија, која во финалето што се играше во Словенија ја победи Португалија, а победи и на ЕП 2022 во Португалија, против истата селекција. Македонија на ЕП 2024 го освои 9. место.
Најуспешни репрезентации на континенталните првенства во оваа категорија досега се Данска и Шпанија, со по четири злата, едно сребро и по две бронзи. Ова е третпат младинското ЕП да се игра во Романија (претходно во 1996 и во 2008 година).
На европските првенства за играчи до 20 години вторпат учествуваат 24 репрезентации, по проширувањето во 2024 година. Овој турнир ќе биде и квалификациски за пласман на Светското првенство (СП) за ракометари до 21 година, кое ќе се одржи во Македонија во 2027 година. Г.И.