• Проекции и на два филма во чест на Тони Наумовски и проекција на „Павилјон“ во чест на Мето Јовановски

Актерството е професија на вечно учење. Не постои актер што еднаш засекогаш завршил некакво училиште бидејќи животот и проектите во кои влегува и излегува се училиштето со кое секогаш се соочува. Со секој нов проект актерот почнува од почеток. За среќа, имаме актер што ги поминал сите вообичаени фази што ги минуваат сите фази во светот. Тони Наумовски работел во театар, телевизија, на филм во Њујорк и во такви сериозни околности да стигнеш до тука е огромен успех, истакна Јани Бојаџи, директор на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ и го претстави годинашниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“.
Наумовски со македонскиот филм „Лена и Владимир“ минатата година доби 14 награди за актерско достигнување, уште неколку номинации на повеќе од 80 фестивали во светот.
– Многу тешко можам да најдам зборови за благодарност за честа. Треба да учиме како да живееме, не како да играме, ќе рече големиот режисер Јержи Гротовски. Се чувствувам благодарно, благословено, привилегирано и понизно. Мето Јовановски играше во лига на светски шампиони и остави длабоко културно наследство од кое треба да учиме и да се радуваме дека сме имале таков човек – рече Наумовски.
Златко Гелески, селекторот на годинашната програма, рече дека годинава е мошне богата и посочи дека приказната ќе биде етапно откриена и поврзана за сите точки на кои се простира Медитеранот.
– Медитеранскиот филм денес опфаќа многу култури, различни проблематики на целиот Медитеран и токму затоа ги избрав овие шест филма во официјалната селекција: „Држи се за мене“ во режија на Мирсини Аристиду/Кипар – го отвора ова издание. „Коцкарот“ во режија на Мохсен Бахари/Иран – има интернационална премиера, потоа „Кома“ во режија на Агим Абдула/Македонија, „Месо“ во режија на Димитер Стојанович/Бугарија, „Одразот во мртвиот дијамант“ во режија на Елен Кате, Бруно Форцани/Белгија со Јаник Рение како гостин и „Кармадона“, во режија на Александар Радивојевиќ/Србија – соопшти Гелески и посочи дека годинава публиката ќе може да погледне 16 краткометражни филма, од кои 10 домашни и шест странски, потоа 13 студентски од трите факултети.

Во рамките на фестивалот во чест на лауреатот ќе бидат прикажани „Мојот Њујорк“ и „Лена и Владимир“, посебни проекции ќе има на филмот „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски и три етнолошки филма, а во чест на Мето Јовановски, чие име го носи наградата што ја доделува фестивалот, ќе биде прикажан „Павилјон“.
Годинава земја во фокус е Иран и ќе бидат прикажани четири филма од современата иранска кинематографија и ќе се одржи панел на темата „Кој ќе ја режира иднината на современиот ирански филм? Дали може иранскиот филм да се носи со предизвиците на модерното живеење?“, на кој ќе говорат Мехрдад Хамнеи, директор во студиото „Егзит арт“, Агим Абдула, режисер што има дипломирано режија во Иран, и Дамјана Ивановска, филмолог од Кинотеката.
За филмовите во главната селекција ќе одлучува жири во состав: Мирослав Митиќ, продуцент, Елеонора Венинова, режисерка, и Емили Ришел, претставничка од Франција.
Продуцентот Дејан Милошевски информираше за работилницата за ирански филм и за вештачка интелигенција во филмот и работилница за авторски филм и авторството во филмот.
– Очекуваме над сто учесници, фестивалската програма ќе се реализира во Гевгелија, Струмица и во Дојран. Секој ден се предвидени проекции на филмови, панели и мастеркласови, па ве поканувам сите да дојдете да пливаме наспроти брановите – како што гласи мотото на фестивалот – рече Милошевски.
Фестивалот „Преку езерото“ годинава се одржува од 8 до 15 јули во Дојран, Гевгелија и во Струмица.