ФУДБАЛ

Шест фудбалери од новиот европски првак Шпанија, двајца од Франција и по еден од Англија, Швајцарија и од Германија се во најдобриот тим на годинашното Европско првенство (ЕП), во избор на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Во најдобриот тим на ЕП 2024 се голманот Мајк Маињан (Франција), одбранбените играчи Кајл Вокер (Англија), Вилијам Салиба (Франција), Мануел Аканџи (Швајцарија) и Марк Кукуреља (Шпанија), потоа фудбалерите од средниот ред Родри (Шпанија), Дани Олмо (Шпанија) и Фабијан Руиз (Шпанија), како и напаѓачите Ламине Јамал (Шпанија), Џамал Мусиала (Германија) и Нико Вилијамс (Шпанија).

Европската фудбалска унија имаше технички набљудувачи на секој натпревар на годинашниот континентален шампионат. Тие ги анализираа средбите од тренерска перспектива и го избраа играчот на натпреварот за секој натпревар.

Тимот на турнирот има препознатлива формација, која ги одразува истакнатите тактички трендови во текот на турнирот, со играч избран за секоја позиција, а индивидуалните перформанси на фудбалерот и влијанието врз неговиот тим ги земаат предвид техничките набљудувачи при донесувањето на нивната одлука, пишува УЕФА.
Технички набљудувачи на Европската фудбалска унија на Европското првенство во Германија беа Фабио Капело, Јоан Лупеску, Мајкл О’Нил, Дејвид Моес, Аљоша Асановиќ, Рафаел Бенитез, Аврам Грант, Паки Бонер, Франк де Бур, Оле Гунар Солскјер, Аитор Каранка и Жан-Франсоа Домерг. Н.М.