Фото: Илустрација/ Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонија ги продолжува квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија, со мечот утре (20.45 ч.) во Скопје со европскиот првак Италија

Македонската репрезентација утре (20.45 часот, арена „Тодор Проески“) во Скопје го пречекува европскиот првак Италија во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија.
– За нас секој натпревар е многу важен. Мечот со Италија е еден од потешките. Знаеме против кого играме и доволно сме мотивирани. Покажавме дека можеме, зошто да не го направиме тоа и на домашен терен. Треба да бидеме максимално фокусирани и со поддршка од навивачите да се обидеме да дојдеме до позитивен резултат.

Италијанците на некој начин ќе сакаат да се реваншираат за поразот од Палермо, би сакал да нѐ потценат, но знам дека овој пат нема да биде исто – вели за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Александар Трајковски, напаѓачот што го постигна голот за победа на Македонија на гости кај Италија во полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство во 2022 година.

Во групата Ц води Англија, со максимален ефект од четири победи на исто толку натпревари и 12 бода, а потоа следуваат Украина со шест (од три средби), Италија со три (од два меча), Македонија со три (од три натпревари) и Малта без бодови (од четири дуели). Од оваа група денеска играат Украина – Англија (18 ч.). Македонија в понеделник треба да игра и со Малта, на гости. На ЕП 2024 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од десетте квалификациски групи.