ФУДБАЛ

УЕФА одржа четиридневна работилница во Истанбул, со сите официјални лица за ЕП 2022. Македонката Ивана Пројковска ќе биде дел од судискиот тим на ЕП, во улога на четврта судијка

„Играјте ја вашата улога во големиот настан“ е повикот упатен до женскиот судиски тим за фудбалското Европско првенство (ЕП), кој ги финализира подготовките за турнирот во Англија летово (од 6 до 31 јули). На четиридневната работилница во Истанбул, 13-те судии, 25 помошник-судии, двете четврти судијки и 16-те видеосудии беа собрани за да ги добијат најважните технички инструкции, како и да бидат тестирани за нивоата на физичката кондиција и за апсорбирањето на клучни совети за нивната улога како клучни актери на финалниот турнир. Од целиот судиски тим е побарано да даде свој придонес за успешно ЕП. Македонката Ивана Пројковска ќе биде дел од судискиот тим на ЕП, во улога на четврта судијка.
– Подготвени сме 100 отсто. Верувам дека оваа група е најдобрата што УЕФА некогаш ја имала на едно женско ЕП. Тие се професионалци и имаат одличен став – изјави претседателот на Комитетот на судии на УЕФА, Роберто Росети, пренесе УЕФА на својата интернет-страница.

Дагмар Дамкова, главната за жените судии, рече дека процесот на селекција на судијките за ЕП бил напорна задача поради зголемениот број висококвалитетни судијки што ги водат натпреварите низ Европа.
– Тој процес траеше три години. Постојано ги следевме судиите, како тие ги судат натпреварите, но и како работеа на курсевите – вели Дамкова.

На ЕП 2022 првпат ќе настапат 16 репрезентации, а првпат ќе се користи и видеоасистент-судија (ВАР), за што на работилницата во Истанбул имаше специфични, практични вежби.
– Донесувањето одлуки на теренот мора да им се остави на судиите. Но ВАР очигледно ќе биде подготвен да интервенира во случај на јасна и очигледна грешка – изјави Росети.