ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Холанд се израмни со Мбапе и со Кејн на врвот на листата на стрелците

По реванш-натпреварите неделава од осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), во четврт-финалето се пласираа актуелниот европски првак Манчестер сити (Англија), Баерн (Германија), Пари сен Жермен (Франција) и Реал Мадрид (Шпанија). Идната недела на програмата се уште четири реванш-дуели од осминафиналето, а двојките се Арсенал – Порто (во првиот натпревар беше 0-1), Барселона – Наполи (1-1), Атлетико Мадрид – Интер (0-1) и Борусија Дортмунд – ПСВ Ајндховен (1-1).
Еден гол за Манчестер сити, кој вторпат со 3-1 го победи Копенхаген, овој пат на домашен терен, во средата, постигна Ерлинг Холанд. Тој сега со вкупно шест погодока се израмни на врвот на листата на стрелците во Лигата на шампионите сезонава, со Килијан Мбапе (Пари сен Жермен) и со Хари Кејн (Баерн). Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Фелер ја освои првата титула во слалом

Мануел Фелер (Австрија) официјално е шампион во слалом во Светскиот куп во алпско скијање сезонава, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Тој ја освои својата прва титула откако ФИС и организаторите на трката во Крањска Гора (Словенија) беа принудени да го откажат претпоследниот слалом закажан за утре, поради поројниот дожд во период од 24 часа што ја уништи патеката.
Претставниците на ФИС бараа потенцијална замена, но не можеше да се најде организатор со оглед на тесните временски ограничувања, по што со само една слаломска трка сезонава, на финалето на Светскиот куп во Залбах на 17 март, предноста на Фелер од 169 поени пред најблискиот ривал Линус Штрасер (Германија) стана недостижна, пишува ФИС.
Фелер победи на слаломот на отворањето на сезоната, постојано водеше и беше меѓу првите пет скијачи во сите девет слаломи во Светскиот куп за мажи сезонава (четири победи). Фелер му се приклучи на репрезентативниот колега Марко Шварц како шампион во слалом во Светскиот куп, бидејќи Шварц ја освои својата титула во 2021 година, но го запиша своето име во книгата на рекорди заедно и со другите освојувачи на титулата во слалом од Австрија, Марсел Хиршер (шест), Бенџамин Раих, Томас Сикора (по две), Рајнфрид Хербст, Рајнер Шенфелдер, Томас Штангасингер и Алфред Мет (по една), пишува ФИС. Н.М.