Фото: Маја Јаневска-Илиева

Голем број жени учествуваа во македонското револуционерно движење. Тоа се хероини и македонски великани низ целата македонска историја. На пример, меѓу првите жени што влегоа во Македонската револуционерна организација (МРО) беше и Руша Делчева, сестрата на македонскиот национален херој Гоце Делчев. Ваквата идеолошка нишка е очигледна и во текот на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, кога голем број жени го положија живот во борбата против фашизмот, како што е Невена Георгиева-Дуња, првата жена партизан во македонските партизански одреди. Со Декларацијата за основните права на граѓанинот на Демократска федеративна Македонија (ДФМ) била озаконета и рамноправноста на жените во новата држава

Денес е 8 Март – Меѓународен ден на жената, денот на кој се одбележуваат достигнувањата на жените во сите аспекти на општественото живеење низ целиот свет. Во светски рамки, 8 Март е симбол на борбата за еднакви права на жената, но во Македонија оваа борба е неразделна од македонската борба за слобода и сопствена држава. Уште од самиот зародок на македонското револуционерно движење, Дамјан Груев, Гоце Делчев и Петар Поп Арсов изградија една широка политичка платформа што требаше да ги обедини сите жители на Македонија без разлика на род, народност или религиската припадност, со цел извојување политичка слобода преку создавање самостојна македонска држава. Во ова движење, кое претендираше да се оформи како национален фронт, свое место имаше и македонската жена.

Македонската жена – промотор на македонското движење

Неразделноста на македонската борба за државност и првата на жените се согледуваат и во спомените на Никола Петров Русински (македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење и војвода на МРО). Според него: „Во нашата Организација, таа не е така обесправена, во борбата за ослободување таа учествува еднакво со нас, и дава жртви – како и ние, па според тоа, треба да се користи со еднакви права. Многу наивно и глупаво е да се мисли дека жената не дава жртви. А мажот и, брат и, татко и кога настрадаат (се убиени)? Зар жената тоа безболно го прима? Учителката Константина Настева впрочем не на шега го поткрепи моето становиште за денешните и утрешните права на жените по ослободувањето на Македонија“. Меѓу првите жени што влегоа во Македонската револуционерна организација (МРО) беше Руша Делчева, сестрата на македонскиот великан Гоце Делчев, како и Анастасија Узунова, мајка на македонскиот војвода Христо Узунов. Анастасија била главна организаторка на жените во Охрид и основачка на женски организациски групи. Учествувала во вооружувањето на првиот организациски одред во Охрид под војводството на Тале Горанов. Заедно со синот Христо присуствувала на заклетвата на одредот како претставничка на жените што ги организирала.
Македонската жена беше и промотор на македонското движење, а ова е особено видливо во активностите на македонските женски друштва. Македонките во соработка со Бугарскиот женски сојуз испратиле апел до Светскиот женски сојуз на мирот. Оттука на 27 јуни 1901 година под покровителство на Светскиот женски сојуз била организирана конференција за мирољубиво решение за македонското прашање во Париз. Конференцијата била отворена од принцезата Вишневска, претседателка на Светскиот женски сојуз за мир, која во своето обраќање истакнала дека: „Триесет и три бугарски и македонски женски друштва испраќаат апел и молат за посредство на Сојузот за мир, за да знае цивилизирана Европа, дека христијанското население во Македонија се заплашува од истите ужаси, на кои жртви беа несреќните Ерменци“. Во текот на конференцијата се обратила и Ана Саказова, а според весникот „Женски глас“, таа на краток, но јасен начин ја опишала положбата на Македонија и нејзиното население, како и „желбите на вистинските воини за македонското дело – Македонија за Македонците“.

Жените и народни херои и народни хероини!

По завршувањето на Балканските војни, како и Првата светска војна, Македонката и понатаму играла значајна улога во македонското национално и ослободително движење, а ова е особено видливо во текот на Втората светска војна.
Македонките од сите слоеви на општество биле активни учесници и соработници во антифашистичката и борба. Меѓу првите стотина борци во антифашистичката борба биле и единаесет жени. Меѓу нив била и Невена Георгиева-Дуња (македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни), која на 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија. Во воените единици некои од нив извршувале должности на политички комесари и членови на највисоките партиски и воени раководства.
На Првото заседание на АСНОМ меѓу 122 делегати имало и шест жени. Со Декларацијата за основните права на граѓанинот на ДФМ била озаконета и рамноправноста на жените во новата држава.
Официјално признаено учество во НОБ имаат вкупно 5.752 жени. Од нив, околу 300 загинале, 10 биле прогласени за народни херои (Магдалена Антова, Вера Ацева, Невена Георгиева, Вера Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска, Веселинка Малинска, Мара Нацева, Естреја Овадија и Ибе Паликуќа), а 141 жена се носителки на Партизанска споменица 1941.


Осми март како симбол на женските права и слободи

Датумот е поврзан со првата масовна демонстрација на жените, која се одржала на 8 март 1857 година во Њујорк, а за првпат беше прославен на 23 февруари 1909 година во Соединетите Американски Држави, по иницијатива на Американската социјалистичка партија. Во 1910 година, Меѓународната женска конференција, по предлог на новинарката Клара Цеткин, го прогласува 8 март за Меѓународен ден на жената. По Октомвриската револуција и освојувањето на власта од страна болшевиците, руските жени добија право на глас, а 8 март беше прогласен за државен празник во Советскиот Сојуз. Подоцна беше прославуван од социјалистичкото движење, како и од другите левичарски кругови, но и од комунистичките држави низ светот.
Во 30-тите години на 20 век, во западните европски држави, вклучувајќи и во САД, 8 март престана да се одбележува, верувајќи во неговата поврзаност со комунистичката идеологија, меѓутоа во 60-тите години на 20 век започнува повторно да се прославува од феминистичкото движење. За Меѓународен ден на жената беше прогласен од Обединетите нации во 1975 година, а национален празник е во малку држави, како што се Русија, Украина или Белорусија. Д.Ст.