Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Црвено-жолтите по две кола се први во групата 4, со четири бода, и имаат по еден повеќе од Ерменија и од Летонија и три повеќе од Фарските Острови. Првопласираните во четирите групи во лигата Ц ќе се пласираат во лигата Б за следното издание на Лигата на нациите, а второпласираните ќе играат во плејофот за влез во повисок ранг

Македонската репрезентација ја забележа јубилејната десетта победа во Лигата на нациите, откако со фудбалер помалку ја совлада Ерменија, со 2-0, во Скопје, во второто коло на групата четири, во лигата Ц, завчера. Со триумфот, остварен со головите на Енис Барди и на Бојан Миовски во второто полувреме, Македонија изби на првото место во групата, со четири бода, и има по еден повеќе од Ерменија и од Летонија и три повеќе од Фарските Острови.

Првопласираните репрезентации во четирите групи во лигата Ц ќе се пласираат во лигата Б за следното издание на Лигата на нациите, а второпласираните ќе играат во плејофот за влез во повисок ранг, со селекциите на третите места во групите во лигата Б. Натпреварувањето продолжува во октомври, кога Македонија игра два меча на гости, со Летонија и со Ерменија. Во другите групи во лигата Ц по две кола на врвот на табелите се селекциите на Шведска, Романија и на Белорусија.

Македонија досега одигра 20 натпревари во Лигата на нациите, а покрај десетте победи има и по пет ремија и порази, со вкупна гол-разлика 33-21. Следниот триумф ќе биде вкупно 90-ти за црвено-жолтите во сите натпреварувања и пријателски дуели.
Во најсилната лига, А, по две кола водат репрезентациите на Португалија, Италија, Германија и на Данска. Најдобрите две селекции од секоја од четирите групи во лигата А ќе настапат во новововеденото четврт-финале, а четирите победници од тие дуели (натпревари дома и на гости) ќе играат на фајналфор-турнирот.