Во текот на изминатата деценија, Диего Симеоне го разбуди „заспаниот гигант“ Атлетико Мадрид, кој успеа да ја наруши доминацијата на Реал Мадрид и на Барселона, а Аргентинецот им се приклучи на тренери како Фергусон, Рехагел, Ру, Муњоз…

ФУДБАЛ

Диего Симеоне прослави десет години на тренерската клупа на Атлетико Мадрид, што е сѐ поретко достигнување во фудбалскиот менаџмент на највисоко ниво. Тој подвиг е уште повпечатлив, со оглед на ситуацијата во која беше Атлетико пред доаѓањето на Аргентинецот во 2011 година. Во текот на изминатата деценија, Симеоне го разбуди „заспаниот гигант“, кој успеа да ја наруши доминацијата на Реал Мадрид и на Барселона, освојувајќи две првенствени титули, во 2014 и 2021 година, два трофеја во Лига Европа (ЛЕ) во 2012 и 2018 година, еден во шпанскиот куп, 2013-та, плус настап во две финалиња во Лигата на шампионите (ЛШ), во 2014 и 2016 година.
Симеоне пристигна во Атлетико во време на нестабилност, во период во кој за помалку од три години се сменија пет тренери, а младите ѕвезди како Серхио Агуеро и Давид де Хеа заминаа во Премиер-лигата. Тимот беше десетти во Ла лига, откако загуби четири од последните пет натпревари. Така, се случи шанса да добие релативно непроверениот Симеоне, чие единствено претходно тренерско искуство во Европа беше краткиот престој во италијанската Катанија. Негов приоритет беше да создаде цврста одбрана базирана на тинејџерот, позајмениот голман од Челси, Тибо Куртоа, и на центархалфот на Уругвај, Диего Годин. Таквиот пристап брзо даде плод, бидејќи на првите шест натпревари со Симеоне не беше примен ниту еден гол. Како фудбалер, Симеоне беше цврст играч од средниот ред, а тој го всади истиот брутално натпреварувачки менталитет, победа по секоја цена во неговиот нов тим.
Симеоне, како ретко кој во модерниот фудбал, издржа десет години на тренерската клупа на еден голем клуб. Агенцијата Франс прес (АФП) издвојува пет други тренери што поминале десет или повеќе години во ист клуб.

– Јас не сум вонземјанин. Клубовите не им даваат време на луѓето да направат нешто. Првиот лош ветер и тренерот веќе го нема – коментираше Ги Ру за неговата долговечност во француски Оксер, клубот што го предводеше во три наврати, во периодот од 1964 до 2000 година и го претвори во сила во францускиот фудбал, освојувајќи ја титулата во Лига 1 во сезоната 1995/1996.
Ерата на Алекс Фергусон на „Олд трафорд“ не почна баш најдобро, тој лесно можеше да добие отказ, но подоцна Шкотланѓанецот освои 13 титули во Премиер-лигата, а Манчестер јунајтед стана доминантна сила во англискиот фудбал. Фергусон ја освои ЛШ како дел од историската тројна круна во сезоната 1998/1999 и тоа го повтори во 2008-та.
Ото Рехагел со Вердер, на чија клупа беше од 1981 до 1995 година, освои две титули во Бундес-лигата, а го крена и пехарот во Купот на европските куп на победници, во 1992 година. Во 2004-та, со аутсајдерот Грција, стана првак на Европа.
– Да ги слушав новинарите, ќе си заминев уште пред шампионатот во 1988 година. Но јас ги послушав мојата сопруга и претседателот, д-р Франц Бомерт – коментираше тој во 1991 година.
Мигел Муњоз ја имаше незавидната задача да ја обнови империјата на Реал Мадрид откако тимот предводен од Ференц Пушкаш и од Алфредо ди Стефано, кој ги освои првите пет европски титули, го помина својот зенит. Поранешниот играч од средниот ред, исто така, дел од шампионските тимови, стана првиот човек што го освоил европското клупско натпреварување како играч и како тренер, како и девет лигашки титули.
„Џон, ти си бесмртен сега!“, вака колегата на Џон Џок Стајн, Шкотланѓанецот и легендарен менаџер на Ливерпул, Бил Шенкли, го оцени успехот на Селтик, кој стана првата британска екипа првак на Европа во 1967 година. Поранешниот рудар го предводеше Селтик до десет титули во лигата и до осум шкотски купа, пред да се повлече во 1978 година.