Третиот најуспешен клуб во белгискиот фудбал со 11 титули (чека трофеј од 1935 година), по 48 години во мај се врати во Првата лига, а сега води со шест бода предност. Клубот е полн со традиција, од витражниот прозорец на нивниот 102-годишен стадион, до фактот дека тоа беше место за првиот меч на Шпанија. Но ова е, исто така, модерна успешна приказна, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Унион Сен Жилоаз е на врвот во фудбалското првенство на Белгија пред крајот на годинава. Новопромовираниот клуб се врати во Првата лига првпат по 48 години, но, истовремено, тоа е и третиот најуспешен клуб во белгискиот фудбал.
Титулата број 11 во белгиската фудбалска лига, клубот ја освои во 1935 година, но Унион Сен Жилоаз повторно напредува со англискиот сопственик Тони Блум и со спортскиот директор роден во Ирска, Крис О’Лафлин, пишува „Скај спорт“.
Тоа е приказна што го привлече вниманието во Белгија и пошироко. Клубот е полн со традиција, од витражниот прозорец на нивниот 102-годишен стадион, до фактот дека тоа беше место за првиот меч на фудбалската репрезентација на Шпанија (во 1920 година).
– Стадионот е заштитена зграда и сакаме да играме таму бидејќи е магично – изјави О’Лафлин за „Скај спорт“.
Но ова е, исто така, модерна успешна приказна, под водство на претседателот Алекс Муцио. О’Лафлин уште се сеќава на својата прва недела на работа во 2019 година.
– Во средата ја завршив тренерската работа и во четвртокот почнав тука како нов спортски директор. Тренерот влезе и имавме состанок наутро. Таа вечер тропна на мојата врата и замина во Амиен во Франција. Планирав да се фокусирам на ангажирање фудбалери и на создавање култура, а се најдов во потрага по нов тренер и да морам да одам на некои од тренинзите. Беше мошне тешко, бидејќи немаше тренерски штаб. Сите заминаа во Франција – се сеќава О’Лафлин, кој е роден во Лимерик, се преселил во Јужна Африка како младо момче, а неговата биографија вклучува тренерски улоги со Орландо во Јоханесбург, Мелбурн виктори во Австралија и во Чарлтон во Англија.

СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ

Тимот на Унион Сен Жилоаз е мешавина од возрасти и потекло, но сите имаат што да докажат. Податоците се користат, но има акцент на квалитетите што не се гледаат на хартија.
– Имаме систем на вредности, вложивме многу работа во него, јас, главниот извршен директор и претседателот. Се сретнавме со специјалисти што ни помогнаа да го формулираме нашиот начин на размислување, она што го баравме. Можете да видите многу работи кај играчите. Разговарав со играч што навистина помина низ дивизиите. Мислам на петтата лига на неговата земја и тоа не е како Англија со професионален пирамиден систем до крајот. Во некои земји, четвртата лига е полупрофесионална. Кога играчот ќе го направи тоа, веќе можете да видите примери на нашиот систем на вредности, бидејќи за тоа се потребни храброст, посветеност и страст. Можеби ќе разговарам со играч и ќе откријам дека кога имал 19 години имал скинати лигаменти и бил надвор цела сезона, а потоа, не само што се враќа туку се враќа посилен. Друг пример може да биде дека истражуваме и дознаваме дека играч има фондација, но тој не ја објавува на социјалните мрежи. Почнувате да градите слика за него. Сакаме различни личности, гласни, тивки, шегаџии. Важно е да имате динамика. Може да имате различни цели, но мора да имате нешто што ги поврзува сите заедно. Веруваме дека нашиот систем на вредности помага во тоа. Размислете за тоа логично. Сите доаѓаме од различно потекло и одеднаш се собираме и поминуваме во просек по 250 тренинзи во сезона со заедничка цел. Може да бидете различни личности, но ви треба нешто заедничко за секој играч. Мислам дека успехот во моментов е производ на работата во првата сезона. Имаше голема транзиција. Тогаш беа направени јасни процени, идентификувавме какви играчи сакаме во клубот, какви луѓе сакавме кај нас – вели спортскиот директор на клубот, О’Лафлин.

ПОБЕДА НА СЕКОЈ ТРЕНИНГ

Човекот што ги собра, претворајќи ја оваа група таленти во тим, е 55-годишниот Феличе Мацу, кој пристигна од Генк.
– Тој е посебен вид тренер. Тој знае како да мотивира група. Тој знае како да го поттикне победничкиот менталитет. Тој ја всади идејата кај играчите дека мора да победуваат на секој тренинг. Што е најважно, тој ги прифати вредностите на клубот – рече О’Лафлин.
Ако Мацу може да ја донесе титулата во Унион, тоа сигурно ќе биде највпечатливата титула во Европа сезонава. Победата над Серкл Бриж во претходното коло ја зголеми предноста на врвот на табелата на шест бода. Но што и да се случи сега, во друга смисла, клубот веќе победи. Тој го раздвижи белгискиот фудбал и врати едно од неговите најпознати имиња во врвната лига.