Фото: ЕПА

СО ТРИУМФОТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Со четвртата сениорска титула Шпанија е најуспешна на европските првенства, но тоа не е единствениот рекорд на Шпанија во европскиот фудбал, откако таа е водечка во 10 категории (сама во осум, на делба во две, и тоа кај сениорски репрезентации на ЕП и во Лигата на нации, и од ЕП во сите три младински категории, како и клупски во три сениорски и еден младински куп и на сениорско клупско СП), а прва е и на листите на шампиони и во футсал (сениори и младинци на ЕП, како и клупски во ЛШ)

Шпанскиот фудбал со европската титула на сениорската репрезентација на годинашното Европско првенство (ЕП) во Германија уште еднаш го потврди високиот квалитет и се издвои како доминантна фудбалска сила во Европа, во речиси сите категории, репрезентативни и клупски, на натпреварувањата на Стариот Континент. Шпанија во финалето на ЕП 2024 во неделата во Берлин ја победи Англија со 2-1 (Нико Вилијамс 47. минута, Микел Ојарзабал 86 – Кол Палмер 73) и ја освои рекордната четврта титула (досега беше израмнета со Германија).

Тоа не е единствениот рекорд што Шпанија го држи во европскиот фудбал. Сениорската селекција е и актуелен победник на Лигата на нации, натпреварување во кое по само три сезони е најуспешна, откако има и едно второ место (победници биле и Португалија и Франција, но тие немаат уште еден пласман во финале).

Во младинските категории, пак, Шпанија е водечка во сите три возрасни групи според бројот на европски титули. Таа има девет трофеи од европските првенства за фудбалери до 17 години (самостоен рекордер, втора е Португалија со шест), потоа 11 (толку освои и Англија) за играчи до 19 години и пет трофеи (толку има и Италија) од континенталните шампионати во категоријата до 21 година.

И на клупски план Шпанија е рекордер во најсилните европски натпреварувања, па, така, шпанските клубови освоија 20 европски титули (втора е Англија со 15), потоа имаат 14 триумфи во Лига Европа (втора е Италија со 10) и 16 во Суперкупот на Европа (втора е Англија со 10), а Шпанија е рекордер и во младинската Лига на шампионите (ЛШ), со три трофеи (Португалија и Англија имаат по два). Згора, клубовите од Шпанија освоија и најмногу светски титули, вкупно 12. Во сениорските купови водечки се клубови од Шпанија (Реал Мадрид во ЛШ со 15, Севилја во Лига Европа со седум, во Суперкупот по пет имаат Реал Мадрид, Барселона и италијанскиот Милан, а клупски светски трофеи најмногу има Реал Мадрид, осум).

Шпанија е прва на листата на шампиони и во футсал за сениори, со седум европски титули (на делба на второто место се Португалија и Италија со по две) и на европските првенства во категоријата за фудбалери до 19 години со две (една има Португалија), како и во клупската Лига на шампионите со 13 трофеи. Н.М.


Неверојатна трофејна низа на Луис де ла Фуенте

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, оствари неверојатна низа трофеи. Тој сега е сениорски европски првак со Шпанија, а претходно беше континентален шампион со шпанските репрезентации на европските првенства (ЕП) до 19 години (во 2015 година) и до 21 година (во 2019-та).
– Не би можел да бидам посреќен, ние сме вистински тим, шампиони на Европа. Секој изминат ден сѐ повеќе се гордеам со нив – рече по сениорската титула Де ла Фуенте, пренесе Европската фудбалска унија.

Од репрезентацијата на Шпанија што беше европски првак за фудбалери до 19 години, сега во сениорскиот тим на ЕП 2024 беа Мекел Мерино, Унаи Симон и Родри, а од шампионскиот состав од ЕП 2019 за фудбалери до 21 година Мерино, Симон, Фабиан Руиз, Дани Олмо и Микел Ојарзабал. Де ла Фуенте има и олимписко сребро од Токио во 2021 година и триумф во Лигата на нации лани. Н.М.


Рекорден број стрелци на врвот на едно ЕП

Рекорден број фудбалери, вкупно шест, го поделија признанието за најдобар стрелец на Европското првенство (ЕП) што се одигра во Германија. Така, на делба на првото место на листата на стрелците со по три гола се Коди Гакпо (Холандија), Хари Кејн (Англија), Џамал Мусиала (Германија), Гиорги Микаутадзе (Грузија), Дани Олмо (Шпанија) и Иван Шранц (Словачка), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Петмина најдобри стрелци имаше на ЕП 1960, четворица ја делеа наградата во 1992 година, тројца на првенството во 1964 година, а по двајца на ЕП 2000 и на ЕП 2020. По еден најдобар стрелец имаше на 11 првенства (во 1968, 1972, 1976, 1980, 1984, 1988, 1996, 2004, 2008, 2012 и во 2016 година). Н.М.