По европските мечеви во вторникот, на листата на УЕФА прва беше Италија, пред Германија, Англија, Шпанија, Франција… Најдобрите две земји ќе добијат по едно дополнително место во ЛШ. Од водечките, во трка за трофеите во куповите на УЕФА и за бодовите сега се седум тима од Италија и по шест од Англија, Германија, Шпанија и од Франција. Стандардни поени за оваа листа се два бода за победа и еден за реми, а УЕФА одреди и бонус-поени за пласмани во нокаут-фазите

ФУДБАЛ

Идната сезона на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе биде првата според новиот формат, со настап на 36 тима, четири повеќе отколку сега, а во трката за две од дополнителните места, кои ќе ги освојат земјите со најдобри колективни перформанси од нивните клубови во клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА) сезонава, по европските средби во вторникот, водат Италија и Германија. Клупскиот коефициент се заснова на вкупниот број клупски коефициент-поени добиени од секој клуб од секоја земја, поделено со вкупниот број клубови од таа земја, пишува УЕФА.
По мечевите во вторникот во осминафиналето на ЛШ на оваа листа водеше Италија, со коефициент 15, пред Германија со 14,071, Англија со 13,875, Шпанија со 12,937, Франција со 12,25… Синоќа на програмата беа уште два меча од осминафиналето на ЛШ (Наполи – Барселона и Порто – Арсенал), а денеска се реваншите од плејофот за влез во осминафиналето на Лига Европа (ЛЕ) и на Конференциската лига (КЛ).
Стандардни поени за трите европски купа се два бода за победа и еден за реми (поените се преполовуваат во квалификациските рунди), а бонус-поените во ЛШ се четири за учество во групна фаза, пет за осминафинале, по еден за следните нокаут-рунди, потоа во ЛЕ се четири за првото место во групите, два за второпласираните, по еден за од осминафиналето понатаму, а во КЛ се два за првото место во групата и по еден за второпласираните и за пласманите во полуфиналето и во финалето, пишува „Скај спорт“.
Најдобрите две земји на оваа листа на УЕФА ќе освојат по едно автоматско место во ЛШ за клубот што е најдобропласиран во нивната домашна лига зад оние клубови што веќе се пласирале директно за лигашката фаза на ЛШ. Од водечките пет земји на таа листа, во трка за трофеите на УЕФА и за бодовите во трите купа сезонава се Интер, Лацио, Наполи, Рома, Милано, Аталанта и Фиорентина од Италија, потоа Манчестер сити, Арсенал, Ливерпул, Вест хем, Брајтон и Астон вила од Англија, Баерн, Лајпциг, Борусија Д., Фрајбург, Баер и Ајнтрахт од Германија, Реал Мадрид, Сосиедад, Атлетико М., Барселона, Вилјареал и Бетис од Шпанија, како и ПСЖ, Марсеј, Рен, Ленс, Тулуз и Лил од Франција. Италија, Германија, Англија и Шпанија имаат по четири директни места во ЛШ, па евентуалното дополнително место би го добила петтопласираната екипа во домашното првенство, од Франција тоа би бил четвртопласираниот тим… Н.М. 


ПЛАСМАН НА ЛИСТАТА НА УЕФА ПО МЕЧЕВИТЕ ВО ВТОРНИКОТ

ЗЕМЈА КОЕФ.
Италија 15
Германија 14,071
Англија 13,875
Шпанија 12,937
Франција 12,25
Извор: УЕФА

КОЈ ЌЕ ИГРА ВО ЛШ ВО СЕЗОНАТА 2024/2025

Победник на ЛШ сезонава 1
Победник на ЛЕ сезонава 1
Англија 4
Шпанија 4
Германија 4
Италија 4
Франција 3
Холандија 2
Португалија 1
Белгија 1
Шкотска 1
Австрија 1
Перформанси на земјите сезонава 2
Квалификации, патека за шампиони 5
Квалификации, лигашки пат 2

Извор: УЕФА