Од рекордниот награден фонд од 2,467 милијарди евра, секој од 36-те клуба во ЛШ може да очекува основна сума од 18,62 милиони, има награди за победите и за нерешените резултати, потоа нов бонус според пласманот на табелата, посебно се наградува директниот влез во осминафиналето (за тимовите од првото до осмото место)…
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Трката по подобар пласман на табелата и влез во следната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) е и трка по поголем дел од рекордниот награден фонд на Европската фудбалска унија (УЕФА). Вкупната сума достапна за дистрибуција на клубовите учесници во сезоната 2024/2025 е 3,317 милијарди евра (2,467 милијарди се за клубовите што играат во Лигата на шампионите и во Суперкупот на УЕФА, 565 милиони за клубовите во Лига Европа и 285 милиони евра за клубовите во Конференциската лига), пишува УЕФА.
Покрај тоа што секој од 36-те клуба во лигашката фаза на ЛШ може да очекува да добие распределба од 18,62 милиони евра за играње во лигашката фаза на Лигата на шампионите, за секој клуб има и суми поврзани со ефектот. Па така, за секоја победа наградата е 2,1 милиони евра, 700 илјади за реми, а дополнително има нов бонус за пласман на табелата, па на секој клуб ќе му се исплати износ врз основа на пласманот во лигашката фаза, и тоа една акција вредна 275 илјади евра за 36-от на табелата, за секој пласман погоре ќе се додаде по една акција, па највисоко рангираниот тим ќе добие 36 акции (околу 9,9 милиони евра). Секоја заштеда од нерешените резултати во лигашката фаза пропорционално ќе ја зголеми почетната вредност на акциите распределени за секоја позиција на табелата, пишува УЕФА.
Покрај тоа, клубовите што ќе остварат директен пласман во осминафиналето (екипите од првото до осмото место на табелата) ќе добијат дополнителни два милиони евра, а клубовите од деветтото до 16-то место по еден милион евра. Пласманот во плејофот од нокаут-рундата носи награда од еден милион евра по клуб, пласманот во осминафиналето 11 милиони евра, во четврт-финалето 12,5 милиони, во полуфиналето 15 милиони, настапот во финалето 18,5 милиони евра, а победникот на ЛШ може да очекува да добие дополнителни 6,5 милиони евра, пишува УЕФА. Згора, двата клуба што ќе играат во Суперкупот на УЕФА (победниците на Лигата на шампионите и на Лига Европа) може да очекуваат по четири милиони евра, при што победникот добива уште еден милион евра.
УЕФА за сезонава одреди и т.н. вредносен столб од 853 милиони евра, кој е комбинација од поранешниот пазарен дел и поединечните клупски коефициенти.
ЛШ, седмо коло, синоќа: Аталанта – Штурм, Монако – Астон вила, Атлетико – Баер, Болоња – Борусија Д., Клуб Бриж – Јувентус, Црвена звезда – ПСВ, Ливерпул – Лил, Слован – Штутгарт и Бенфика – Барселона. Двојки за денеска: Лајпциг – Спортинг, Шахтер – Брест (двете од 18.45 ч.), Реал М. – Салцбург, Пари сен Жермен – Манчестер С., Спарта – Интер, Арсенал – Динамо З., Селтик – Јанг бојс, Феенорд – Баерн и Милан – Џирона (сите од 21 ч.). Н.М.