Директен пласман во групната фаза има за 26 екипи, 25 според пласманот во домашното првенство и тимот што ќе триумфира во Лига Европа, а шест екипи ќе се пласираат од квалификациите. Засега единствен дебитант е Унион Берлин, од најсилните пет првенства има седум нови екипи во однос на сезонава, а во
новата нема да настапат неколку поранешни европски прваци
Познати се 25 од 26-те директни учесници во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) за новата сезона, откако завршија или се на едно коло пред крајот сезоните во некои од најсилните европски домашни фудбалски првенства. Се чека само уште победникот на утрешното финале на Лига Европа, Рома или Севилја, за да се комплетира составот на тимовите што директно ќе играат во групната фаза. Преостанатите шест места се резервирани за тимовите што ќе настапат во квалификациите.
Во однос на минатата сезона на најсилните пет првенства во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија) има седум нови екипи. Најголема промена во составот има од Англија, па така, од лани и во новата сезона ќе игра Манчестер сити, но има три нови тима, па ќе играат Арсенал, Манчестер јунајтед и Њукасл наместо Ливерпул, Челси и Тотенхем. По една измена има во другите четири првенства. Од Шпанија, покрај истите од лани, Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, сега Сосиедад ќе игра на местото на Севилја, која, сепак, има шанса преку Лига Европа. Од Германија, Унион Берлин ќе настапи наместо Баер и ќе биде единствен дебитант, а другите три екипи се истите од сезонава, Баерн, Борусија Дортмунд и Лајпциг. Од Италија, Лацио ќе го замени Јувентус, а одново ќе играат Наполи, Интер и Милан. Од Франција место во групната фаза покрај ПСЖ обезбеди Ленс, на местото на Марсеј, кој играше сезонава, но ќе има можност да го обезбеди тоа и за новата сезона низ квалификациите. Вкупно ќе има седум нови екипи од 18-те места за тимовите од петте најсилни европски шампионати.
Во групната фаза ќе настапат и Бенфика и Порто од Португалија, Феенорд од Холандија, Црвена звезда од Србија, Селтик од Шкотска, Шахтер од Украина и Салцбург од Австрија. Според пласманот во домашните првенства сезонава, во новото издание на ЛШ нема да играат неколку поранешни европски прваци, како Ливерпул, Ајакс, Челси и Јувентус. Лани настапија вкупно 14 европски прваци, а засега во новата сезона шампионите ќе бидат застапени со 12 претставници, бројка што може да се зголеми до најмногу 15.
Од земјите што имаат директно место во групите, уште по еден тим може да има од Франција, Португалија, Холандија, Србија, Шкотска, Украина и од Австрија, кои имаат и по една екипа во квалификациите, како и од Италија или од Шпанија, според тоа кој ќе победи утре во Лига Европа. Најмногу по два тима може да се најдат во ЛШ и од Белгија, Швајцарија и од Грција, кои имаат по два клуба во квалификациите. Идната сезона во ЛШ ќе биде последна со 32 тима, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) за од сезоната 2024/2025 најави промени, со зголемување на бројот на учесници и со нов формат на најсилното европско клупско натпреварување. Г.М.
УЧЕСНИЦИ ВО ГРУПНАТА ФАЗА НА ЛШ
Англија Манчестер с., Арсенал, Манчестер ј. и Њукасл
Шпанија Барселона, Реал М., Атлетико М. и Сосиедад
Германија Баерн, Борусија Д., Лајпциг и Унион Берлин
Италија Наполи, Интер, Лацио и Милан
Франција ПСЖ и Ленс
Португалија Бенфика и Порто
Холандија Феенорд
Србија Црвена звезда
Шкотска Селтик
Украина Шахтер
Австрија Салцбург
Лига Европа Рома или Севилја
Квалификации шест тима