Фото: Архива

Најновото истражување на јавното мислење детектира историски гледано најниска поддршка измерена досега за членство во Европската Унија кај македонските граѓани. На што се должи тоа и кои се причините за ваквиот драстичен пад на довербата во Унијата? Дали можеби токму ЕУ, со своите непринципиелни, па дури и надвор од правото политики и двојни стандарди кон Македонија, самата ја затвора вратата за Македонија и пред формално да ја отвори? Зошто токму ЕУ сиве изминати години гледаше и толерираше кршење на меѓународното право врз грбот на Македонија, премолчуваше или одобруваше разни уцени и притисоци што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, беше сведок на обидите за негација на македонскиот идентитет, јазик, историја, па дури и на манифестирање облици на нацизам, шовинизам и територијални претензии од земји-членки на Унијата кон Македонија. Граѓаните станаа скептични, дали на една таква ЕУ може воопшто да ѝ се верува?!

ЗОШТО ИСТОРИСКИ НАЈВИСОК ЕВРОСКЕПТИЦИЗАМ ВО ДРЖАВАТА

Поддршката и довербата во Европската Унија паднаа на историски најниско ниво кај македонските граѓани. Последното истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања – Скопје покажува дека една четвртина од анкетираните или 24,8 отсто би гласале против, доколку утре се одржи референдум за влез на Македонија во Европската Унија. Тоа практично значи дека секој четврти граѓанин на Македонија е против членство во Европската Унија. Историски гледано, ова е најниска поддршка за членство во Европската Унија измерена досега. Иако за мнозинството граѓани, односно 55,8 отсто од анкетираните, членството во ЕУ останува единствена алтернатива за државата, загрижувачки е трендот на континуиран пораст на евроскептицизмот и постојаното опаѓање на довербата во ЕУ. Така, ако во 2019 само 17,3 отсто од анкетираните се противеле на членството во Европската Унија, денес таа бројка е зголемена на 24,8 отсто, што практично значи дека секој четврти граѓанин на Македонија воопшто нема доверба во ЕУ. Или, со други зборови, ако во 2019 околу 67,4 отсто од анкетираните давале поддршка за членство во Европската Унија, денес таа поддршка е падната на 55,8 отсто, што е пад од 12 отсто.
– Граѓаните не негуваат некој оптимизам дека Македонија наскоро ќе стане членка на Европската Унија. Напротив, најголемото мнозинство или 42,1 отсто од анкетираните се на ставот дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ. Македонските граѓани денес се најголеми песимисти, односно никогаш не бил поголем бројот на анкетирани граѓани што се на ставот дека никогаш нема да се зачлениме во ЕУ – се вели во најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје.
На што се должи тоа и кои се причините за ваквиот песимизам и драстичен пад на довербата во Унијата? Дали можеби токму ЕУ, со своите непринципиелни потези, политики и двојни стандарди самата ја затвора вратата за Македонија и пред формално да ја отвори? Во однос на сите овие прашања побаравме мислење од компетентни институции и личности што се упатени во домашните и во европските случувања.
Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања вели дека има повеќе причини за толку високиот процент на евроскептицизмот во Македонија.

– Прва работа е тоа што нас ни се продава 20 години дека влезот во ЕУ е еден меритократен систем, односно систем каде што доколку исполниш – напредуваш. Сега излезе дека тоа не е баш така. Сега ни се наметнуваат услови што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, ни со европско аки (водич за преговори), ни со кластери ни со што било друго. Се има чувство дека целиот процес е некако политизиран. Ние сме преседан за сѐ. Прво беше за името, сега со Бугарија и никој не знае што ќе биде следно. Претходно Французите нѐ блокираа без никаква причина, да се сменел системот. Чувството е дека сите проблеми во однос на проширувањето некако се прекршуваат врз грбот на Македонија изминатите 20 години – вели Божиновски.
Споредбената анализа, пак, што ја направи нашиот весник покажува дека поддршката кон ЕУ кај македонските граѓани паѓала речиси секогаш кога Македонија била принудена да прави какви било отстапки спротивни на меѓународното право и на Копенхашките критериуми на кои, впрочем, се темели Унијата. Така, на пример, во време кога беше обелоденет францускиот предлог, во кој се вградени и бугарските барања, дури 72,80 проценти од Македонците и 56 отсто од вкупниот број испитаници се изјаснија против францускиот предлог. Ист толкав процент граѓани тогаш се противеа и на почеток на преговори со ЕУ под така наметнатите услови.
Во друго истражување, кое го спроведе Националниот демократски институт во 2021 година, исто така се констатира значително намалената поддршка кон Европската Унија кај македонските граѓани. И во време кога се носеше Преспанскиот договор постоеше разочарување кај голем дел од македонските граѓани, што потоа се рефлектираше и врз евроскептицизмот и намалената доверба во Унијата.
Уште една анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија, на авторот Иван Дамјановски, покажува дека во периодот од 2014 до 2020 година има пад на поддршката во ЕУ кај македонските граѓани.
– Заканата за губење на националниот идентитет како последица на процесите на европеизација се наметнува како најважна (23 отсто) евроскептична детерминанта. Со приближно ист интензитет се перципираат и губењето на суверенитетот и независноста на државата, но и промената на уставното име, кое сè уште резонира како важен фактор на незадоволство од процесот на пристапување кон ЕУ- се вели во оваа анализа.
И Даниел Браун, директор на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, смета дека со Договорот од Преспа се мислело дека е отстранета последната пречка за започнување преговори со ЕУ, но, за жал, во 2019 г. имало нов развој, а сега гледаме дека има проблем со друга соседна земја.

– Перспективата за С. Македонија треба да биде во Европа. Не станува збор само за инвестирање пари туку на целиот концепт на вредности што го има ЕУ, како напредок во демократијата и принципот на владеење на правото. Ако уште подолго се остане во процесот на чекање, тогаш ќе се избере друг пат – смета Браун.
Сепак она што е евидентно, за целиот период од независноста досега, во однос на македонската евроинтеграција, е постојаното менување на правилата на игра, наметнување нови и нови услови и уцени, кои претходно ги немало за другите земји-кандидати.
Тука, веројатно, треба да се бараат и причините за порастот на евроскептицизмот кај македонските граѓани. Европската Унија премолчено гледаше и толерираше прекршување на меѓународното право врз грбот на Македонија, дозволуваше разни уцени и притисоци, кои немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, се толерираа и премолчуваа обидите за негација на македонскиот идентитет, јазик историја, па дури на јавна сцена се манифестираа и облици на нацизам, шовинизам и територијални претензии, од земји-членки на Унијата кон Македонија. И сето тоа поминуваше и поминува премолчено од страна на Брисел. Оттаму не треба воопшто да зачудува растот на евроскептицизмот и недовербата во Унијата, во сегашниот облик во кој таа се претвори, велат дел од аналитичарите.
Сашо Клековски во колумната насловена „ЕУ шири евроскептицизам“ пишува дека ниту Грција ниту Бугарија немаше да нѐ јавнат толку многу да не јавнаа на бранот на ЕУ-скептицизмот кон проширувањето на познатото трио Франција, Холандија и Данска, тука некаде е и Германија, секоја земја поради свои причини.
– И тој ЕУ-скептицизам не е антимакедонски, туку општ и се остава валканата работа да ја завршат други, како сега Бугарија – нагласува Клековски.
Според него, кога имало волја во ЕУ биле примени и земји што биле далеку од критериумите, како Естонија со 40 проценти малцинство со нерешен статус, или Кипар, кој нема контрола на својата територија. И Украина доби договор за асоцијација со ЕУ, иако во 2016 година во Холандија на референдум се отфрли тој договор.
Димитар Николовски, директор на „Еуротинк“, центар за европски стратегии, не мисли дека евроскептицизмот во Македонија растел правопропорционално со наметнувањето на нови и нови услови.

– Ако се погледнат анкетите спроведувани од наша страна, а и од други истражувачки центри, може да се види дека поддршката за членство во ЕУ кај македонските граѓани секогаш била висока. Сепак, надолниот тренд почна од минатата година, а главната причина за тоа ја гледам во уморот и неизвесноста, кои нашите граѓани ги чувствуваат во врска со овие процеси. Тоа е една генерална и општа причина. Поконкретно за моментов, од друга страна, е самиот процес на менување на Уставот и мешаните пораки што ги добиваме од меѓународните претставници, Владата и опозицијата. Се чини дека основниот услов за повторно откочување на процесот е невозможно да се исполни во следните неколку месеци. Тоа ја зголемува и разочараноста на нашите граѓани: не само во ЕУ туку и во нашите политичари, кои треба да преземаат тешки, навремени и стратегиски исправни одлуки – вели Николовски.
Како и да е, сосема е извесно дека и ЕУ е исправена пред голем предизвик, а тоа е да се врати на своите изворни, темелни вредности на кои самата почива и за кои е и основана. Само така Унијата ќе го зголеми својот интегритет и ќе ја врати довербата и меѓу земјите-членки и кај кандидатите за членство.


Децениски од по маките

Македонското патешествие во однос на евроинтеграциите трае повеќе од две децении. Меѓу првите документи, со кои се регулирани односите помеѓу Македонија и ЕУ, беше Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која е потпишана на 9 април 2001 г., а стапи во сила на 1 април 2004 г., по ратификувањето од страна на сите земји-потписнички.
Во март 2004 г. беше поднесена кандидатура за членство во Унијата, а во декември 2005 г. земјата доби кандидатски статус. Европската комисија, во октомври 2009 г. ја даде првата препорака за почнување преговори помеѓу Македонија и ЕУ, меѓутоа, Советот на ЕУ не даде зелено светло за преговори. Оттогаш, па сѐ до денес континуирано добиваме позитивни препораки за почеток на преговори, но работите и понатаму стојат во место. По потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на името на државата во 2019 година, очекувано беше работите да тргнат напред, но следуваа нови заплети, со барањето на францускиот претседател Емануел Макрон за донесување нова методологија за проширување. Потоа следуваше и ветото од Бугарија, кое практично трае и до денес, со условувањата за промена на Уставот и внесување на Бугарите во него. Што е следно, на тој наш од по маките, тешко е да се претпостави.