Директорот на УЕФА за судење, Роберто Розети, и неговиот тим ги информираа играчите и селекторите дека судиите ќе отворат линија за дијалог со капитените за да понудат информации и да ги објаснат клучните одлуки, а другите фудбалери мора да го почитуваат судијата, да држат дистанца и да не ги опкружуваат официјалните лица. Судиите добија и инструкции да бидат строги за сериозни прекршоци, држење во шеснаесетникот, симулација и за играчи што мавтаат со имагинарни картони обидувајќи се да влијаат на одлуките, пишува УЕФА
Во пресрет на отворањето на Европското првенство (ЕП) вечерва со мечот Германија – Шкотска, официјалните лица на шампионатот се сретнаа со сите 24 селекции за да презентираат и да дискутираат различни директиви за турнирот, а високо на агендата беше комуникацијата на теренот, со акцент на важноста од почит кон официјалните лица со надеж дека ќе се прикаже подобра слика за фудбалот, на младите играчи и на гледачите, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Директорот на УЕФА за судење, Роберто Розети, и неговиот тим ги информираа играчите и селекторите дека судиите ќе отворат линија за дијалог со капитените за време на натпреварите за да понудат информации и да ги објаснат клучните одлуки, вклучувајќи го и она што се дискутира со видеопомошните-судии (ВАР). Само капитенот, или одреден играч на теренот, доколку капитенот е голман, треба да разговара со судијата за време на овие појаснувања. Другите фудбалери мора да го почитуваат судијата, да држат дистанца и да не ги опкружуваат официјалните лица на натпреварот.
– Ја споделивме идејата со селекторите и разговаравме за оваа тема во нашиот фудбалски одбор на УЕФА, со врвни играчи, поранешни фудбалери и тренери. И сите заедно се договоривме за оваа ситуација и потоа отидовме кај репрезентациите. Тие се среќни поради ова. Ова не го правиме за судиите или за Судискиот комитет на УЕФА, туку за фудбалот, за имиџот на играта и за следната генерација. Овие сесии беа многу продуктивни. Сигурен сум дека ќе биде фантастичен пример за следната фудбалска ера – рече Розети.
Судиите добија и инструкции да бидат строги за сериозни прекршоци, држење во шеснаесетникот, симулација и за играчи што мавтаат со имагинарни картони обидувајќи се да влијаат на одлуките, пишува УЕФА.
– Една од најважните работи за судиите е да ги заштитат играчите, безбедноста на главните актери на играта, и сериозниот прекршок е нешто што не можеме да го прифатиме – рече Розети.
Како и судиите што ги разјаснуваат одлуките со капитените на теренот, гледачите на трибините и дома ќе бидат подобро информирани, со тоа што ЕП 2024 ќе понуди повеќе контекст и објаснување околу одлуките на ВАР, благодарение на големите екрани на стадионот и директните информации за коментаторите и за радиодифузерите, пишува УЕФА. Н.М.