Фото: ЕПА

Тимот од Леверкузен викендов може да ја освои титулата во Бундеслигата, во мај ќе игра во финалето на Купот на Германија и е во четврт-финалето на Лига Европа. Постои дури и можност да биде првиот клуб што некогаш имал сезона без пораз во Бундеслигата, пишува агенцијата АП

ФУДБАЛ

Веќе 41 натпревар без пораз во сите натпреварувања, а историската тројна круна уште е на дофат. Германскиот фудбалски бундеслигаш Баер Леверкузен и тренерот Чаби Алонсо имаат извонредна сезона, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Баер досега ги освои некогашниот Куп на УЕФА (сега натпреварување со име Лига Европа) во 1988 година и Купот на Германија во 1993 година.
Баер може да ја освои титулата во Бундеслигата викендов, откако во 28. коло Баерн загуби од Хајденхајм со 2-3 по водството со 2-0, во саботата, а Баер со голот од пенал на Флоријан Виртц го победи Унион Берлин со 1-0 на гости и се оддалечи на 16 бода од Баерн на шест кола до крајот на сезоната. Постои дури и можност да биде првиот клуб што некогаш имал сезона без пораз во Бундеслигата, пишува АП.
Победата со 4-0 против Фортуна Диселдорф во средата, пак, во полуфиналето на германскиот куп, го остави Баер на 90 минути од уште еден трофеј, откако ќе настапи во финалето во мај, на дуелот со Кајзерслаутерн. Тимот на Алонсо ќе се соочи и со англискиот Вест хем, в четврток, дома, во првиот меч од четврт-финалето на Лига Европа.
Со деветтата последователна победа во Бундеслигата, Баер го зголеми својот германски рекорд без пораз на 41 натпревар во сите натпреварувања сезонава, пишува АП. Потребна е само уште една победа од преостанатите натпревари за првпат да ја освои титулата во Бундеслигата. Следниот првенствен меч е со Вердер дома, в недела.
– Ништо не е решено. Ќе почекаме малку. Ќе останеме фокусирани, ќе се концентрираме за мечот в четврток, а потоа можеби ќе имаме што да славиме в недела – изјави тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо.
Баерн остана на второто место, со ист број бодови како и Штутгарт, но со подобра гол-разлика. Н.М.