Европските ад хок решенија не секогаш се совпаѓаат со изворните принципиелни (европски) принципи и критериуми - Фото: Нова Македонија

Советот на Европската Унија (ЕУ) и Европскиот парламент (ЕП) постигнаа договор за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, најамбициозниот пакет финансиска помош за земјите од нашиот регион во вредност од шест милијарди евра. Одлуката е донесена речиси експресно, пред новите избори во ЕУ. Еврофилите велат дека сето ова е во насока на забрзано членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, додека евроскептиците тврдат дека се работи за обична демонстрација на квазиволја за „техничка поддршка, за да се афирмира (и малку да се зајакне) улогата на ЕУ во регионот“. Од друга страна, евроскептиците се убедени дека Брисел со оваа (само) декларација има намера „да се заузди растот на евроскептицизмот на балканските простори“! Низ каква диоптрија гледа Македонија?

Два дискурса на помошта за Западен Балкан

Во пресрет на европското предизборие, Советот на Европската Унија (ЕУ) и Европскиот парламент (ЕП) постигнаа договор за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, со намера за помош на нашиот регион низ разни форми и облици, во повеќе земји од Западнобалканскиот Регион…Тоа, според Брисел, би требало да биде најамбициозниот пакет финансиска помош за земјите од регионот во вредност од шест милијарди евра, кој, патем речено, се најавуваше од високите претставници на ЕУ, речиси од летото, минатата година.

Договорот на 4 април го потврди европскиот
претставник Тонино Пицула, кој беше главен преговарач во името на Европскиот парламент

Иако релативно одамна најавуван, со овој финансиски пакет некако се чини дека „бирократските формалности“ се оставени за крајот на мандатот на актуелниот состав на Европскиот парламент, а наедно и на Европската комисија. Имено, и во самите бриселски „кулоари“ владее впечатокот дека преговорите што ги водеа двете европски институции се одвиваа под голем притисок за усвојување на одлуката во „кратка временска рамка“, затоа што беше неопходна согласност од Советот на Европската Унија и Европскиот парламент, кој формално се распушта на крајот на април поради европските избори, кои ќе се одржат во јуни годинава. Сега е можно одлуката да биде изгласана на априлската пленарна седница и потоа да стапи во сила планот за раст на регионот.

Од шесте милијарди на ЕУ за Западен Балкан, барем 800 милиони евра за
Македонија?!

Симптоматичноста и резервираноста во земјите од Западен Балкан, во однос на „искреноста на намерите“ на ЕУ со овој план за раст во регионот, произлегува од фрустрираноста од однос на реалниот напредок во процесот на евроинтеграциите (на секоја земја поединечно), односно нестандардните и непринципиелни пречки во преговарачкиот процес, кои се „креираат во помошните кујни“ на земјите членки на Унијата, со премолчена поддршка на бриселската бирократија. Во услови кога во ЕУ се активира инвентивноста за избегнување и заобиколување на сопствените критериуми за да се забрза евроинтеграцијата на земјите од источниот блок, како Украина, Молдавија и Грузија, овој план за раст на Западен Балкан се доживуваа како обид за компензација од Унијата за нејзината инвентивност во обратна насока со измислување вонкритериумски услови, кога станува збор за шесте земји во овој регион, особено за Македонија.
Без оглед на мотивот за оваа европска помош, со овој инструмент се обезбедуваат финансии за реализација на планот за раст на Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кои ќе опфатат две милијарди евра грантови и четири милијарди евра заеми за земјите од регионот, вклучувајќи и најмалку 800 милиони евра за Македонија. Овие средства ќе претставуваат дополнување на постојниот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со што значително ќе се зголеми финансиската помош од ЕУ за државите од Западен Балкан. Според соопштенијата на Европската комисија, механизмот ќе им даде поддршка на партнерите на ЕУ од Западен Балкан во спроведувањето реформи поврзани со приближувањето кон Унијата и ќе го стимулира нивното економско поврзување со блокот, врз основа на амбициозните реформски агенди.
Во согласност со процедурите на ЕУ, договорениот текст на регулативата за воспоставување на механизмот сега треба да биде одобрен од Европскиот совет и од европратениците. Европските институции што работеа на планот за раст инсистираа земјите од регионот да исполнат низа критериуми, кои не се ни толку лесни, за да го искористат пакетот финансиска помош.

Може ли Брисел недвосмислено да постави принципиелни критериуми?

Меѓу поставените европски услови се основните критериуми што важат еднакво за сите земји членки. Тие се однесуваат на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата, институционалните реформи и преземањето на неопходните чекори за да се осигури дека средствата нема да се злоупотребат. Покрај критериумите поврзани со реформите и владеењето на правото, постојат и критериуми од политички карактер. За Косово и Србија постои „уште еден услов“ поврзан со напредокот во процесот на нормализација на односите. За користење на средствата од овој план за раст, за Македонија засега нема „специјални политички услови“, но такви постојат во предложената преговарачка рамка, т.н. француски предлог. Од страна, пак, на одредени еврофункционери, понекогаш „дискретно“ се испраќаат пораки дека неприфаќање од македонска страна на условите во францускиот предлог (за уставни измени), во одредена ситуација може да се толкува и како неисполнување на критериумите за добивање на средствата од планот за развој на Западен Балкан. Сепак, официјално, овој механизам за финансиска помош сѐ уште е формално независен од текот на преговарачките процеси, иако е во контекст на нивно забрзување и поддршка.

Европски ад хок решенија поради кои скепсата на Западен Балкан постои
и зајакнува

Сите овие контексти околу одобрувањето на планот за развој на Западен Балкан, вреден шест милијарди евра за шесте земји во регионот, создаваат два аспекта на толкување на мотивите за ваквите заложби на Европската Унија. Фактот дека одлуката е донесена „на брзина“, речиси во „5 до 12“ пред претстојните европски избори и очекувањето за нејзино конечно одобрување на последната седница на актуелниот состав на Европскиот парламент, за аналитичарите од Западен Балкан е уште еден „показ“ за нерасположението за проширување во земјите членки на Унијата. Но од друга страна, оптимистичките балкански еврофили велат дека оваа финансиска поддршка е искрен потег во насока на забрзано членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Исто така, не може да се запостави ни создадениот евроскептицизам во регионот, предизвикан од многубројни поранешни непринципиелности на Унијата, па веќе постојните евроскептици тврдат дека со овој механизам за финансиска помош, всушност се работи за обична „техничка поддршка“, колку само во овој миг, кога Унијата е пред нови избори, да се афирмира улогата на ЕУ во регионот и колку-толку да се стивне растот на евроскептицизмот на (западно)балканските простори.
– Секои дополнителни средства од ЕУ значат многу како финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан. Никако не треба да се потцени помошта од ЕУ, а и да се продуцираат сомнежи во однос на политичките мотиви за финансиската поддршка. Секако, далеку подобро би било, Македонија, а и земјите од Западен Балкан да добијат пристап до структурните кохезивни фондови на ЕУ. Но тоа очигледно останува како предизвик за лидерите на земјите од регионот да се изборат за таква позиција и доверба од ЕУ. Планот за раст на Западен Балкан е сепак ад хок решение, одлука со еднократно ограничено дејство, што секако ги нема бенефициите на трајното отворање на структурните и кохезивни фондови на Унијата – вели политичкиот аналитичар Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.