Меси ќе игра за светската титула, а во конкуренција е и за наградите „златна топка“ и „златна копачка“, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Ваков несекојдневен хет-трик досега освоиле Бразилецот Гаринча на СП 1962, Аргентинецот Кемпес на СП 1978 и Италијанецот Роси на СП 1982

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Капитенот на фудбалската репрезентација на Аргентина, Лионел Меси, изјави дека финалето в недела ќе биде последниот натпревар на светските првенства (СП) во неговата кариера, пренесе „Би-би-си“. Тој го постигна својот петти гол на СП 2022 во Катар и помогна во поставувањето на уште два (стрелец Хулиан Алварез) во полуфиналната победа со Хрватска, со 3-0.
– Многу сум среќен што го завршив моето патување на светските првенства со финале, што ќе го одиграм последниот натпревар во финале. Многу сум задоволен со тоа. Сѐ што живеев на овој Мундијал беше емотивно, гледајќи колку се уживаше во Аргентина. Има многу години од ова СП до следното. Мислам дека нема да можам да го направам тоа. Да се заврши на овој начин е брилијантно – рече Меси, пренесе „Би-би-си“.
Аргентина во финалето в недела ќе игра со победникот од синоќешното второ полуфинале помеѓу Франција и Мароко. Мечот во финалето ќе биде рекордниот 26-ти настап на Меси на светските првенства за мажи, откако сега е израмнет со Германецот Лотар Матеус.
Меси ја освои „златната топка“, наменета за најдобриот играч на светот во една година, рекордни седум пати, еднаш беше прогласен за најдобар играч во избор на Светската фудбалска федерација (ФИФА), четири пати победи во Лигата на шампионите, еднаш на Копа Америка со Аргентина, во 2021 година… Тој е еден од шестемина што настапиле на пет светски првенства, заедно со Матеус, Португалецот Кристијано Роналдо и со Антонио Карбахал, Андрес Гуардадо и Рафаел Маркез од Мексико. По првото полуфинале, Меси води во трката за „златната копачка“ на СП 2022 заедно со Французинот Килијан Мбапе. Меси, кој четири пати беше прогласен за играч на натпреварот на тековниот Мундијал (на мечевите со Мексико, Полска, Холандија и со Хрватска), стана првиот фудбалер на Аргентина што постигнал гол на четири мундијали и стана рекорден стрелец на таа репрезентација на светските првенства со 11 гола. Тој дебитира за Аргентина на 18-годишна возраст во 2005 година и постигна 97 гола на 172 натпревари, пишува „Би-би-си“.
Пред Меси сега стои неверојатен хет-трик, бидејќи ќе игра за светската титула, а во конкуренција е и за наградите „златна топка“ за најдобар фудбалер на СП 2022 и „златна копачка“ за најдобар стрелец, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница. Ваков несекојдневен хет-трик (титула, „златна топка“ и „златна копачка“ на еден мундијал) досега освоиле Бразилецот Гаринча на СП 1962, Аргентинецот Марио Кемпес на СП 1978 и Италијанецот Паоло Роси на СП 1982.
За првата цел, Аргентина ќе игра во неделното финале. Во трката за најдобар стрелец по првиот полуфинален меч Меси и Мбапе имаат по пет гола, а по четири Алварез и Оливие Жиру. Техничката студиска група на ФИФА, предводена од Арсен Венгер, креира листа на извонредни играчи на турнирот, а потоа медиумите гласаат за најдобрите, пишува „Марка“.


Единаесетто меѓуконтинентално финале на СП

Финалето на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар в недела ќе биде 11-то во кое ќе играат селекции од два континента, откако во мечот за титулата Аргентина од Јужна Америка ќе игра со победникот од синоќешното второ полуфинале на СП 2022 помеѓу Франција од Европа и Мароко од Африка. На претходните 21 мундијал имало вкупно 10 меѓуконтинентални финалиња, и тоа Бразил – Шведска (СП 1958), Бразил – Чехословачка (СП 1962), Бразил – Италија (СП 1970 и СП 1994), Аргентина – Холандија (СП 1978), Аргентина – Германија (СП 1986, СП 1990 и СП 2014), Франција – Бразил (СП 1998) и Бразил – Германија (СП 2002).


СП 2022 ОСМИНАФИНАЛЕ

Холандија – САД 3-1
Аргентина – Австралија 2-1
Франција – Полска 3-1
Англија – Сенегал 3-0
Јапонија – Хрватска 1-1 (1-3 п.)
Бразил – Јужна Кореја 4-1
Мароко – Шпанија 0-0 (3-0 п.)
Португалија – Швајцарија 6-1

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Хрватска – Бразил 1-1 (4-2 п.)
Холандија – Аргентина 2-2 (3-4 п.)
Мароко – Португалија 1-0
Англија – Франција 1-2

ПОЛУФИНАЛЕ
Аргентина – Хрватска 3-0
Франција – Мароко синоќа

МЕЧЕВИ ЗА МЕДАЛИ
Дуел за третото место сабота, 16 ч.
Финале недела, 16 ч.