Опасна или кобна искреност за Македонија

Колатерален ефект од признанието на Ангела Меркел за скриените намери за вооружување на Украина со договорите од Минск може да бидат уште поголема резервираност и недоверба на македонската јавност спрема сите евромисионери што најавуваат посети на Македонија, со убедувачки намери за спроведување на уставните измени за наводен нов почеток на преговорите со ЕУ. Имено, токму Меркел нѐ убедуваше за прифаќање на Преспанскиот договор и за менување на името на државата за побрза европска иднина на Македонија. Досегашната (не)искреност на меѓународните фактори се покажа како опасна за Македонија, отсега нашата доверба во секоја „искрена лага“ може да биде кобна!

„Малку искреност е опасно, а многу – кобно“, заклучил англискиот писател Оскар Вајлд. Една седмица по интервјуто на Ангела Меркел – во кое призна дека договорите од Минск за наводно мирно решавање на руско-украинскиот спор од 2014 година биле само купување време за НАТО и земјите од западниот (што се чита како – демократски) свет да ја вооружат Украина, за сега да војува со Русија, без намера воопшто да се спроведуваат – сѐ уште не може да се заклучи дали тоа беше мала или голема искреност на поранешната германска канцеларка и без сомнение најмоќна жена во европската, па и во светската (гео)политика. Дали и за кого е опасна или кобна искреноста на Меркел? Дали е навистина спонтана и „непромислена“ или е вешто конструирана изјава, која на повеќе адреси може да биде различно прочитана? Некои уши во геополитичкиот амбиент можат да ја слушнат како задоволство од постигнатиот ефект со итрината на подметнатите договори, кои Украинците никогаш немале намера да ги почитуваат, а гарантите Германија и Франција немале намера да бараат отчетност за нивното спроведување. Но некои уште поитри уши, во таа „наивна искреност“ на Меркел можат да препознаат и давање аргументи на сега „озлогласениот противник“, а поранешен „коректен партнер“ со заеднички економски интереси, рускиот претседател Путин, дека меѓународната заедница сепак била нечесна и со скриени намери, повикувајќи се на довербата во принципите на меѓународното право. Таквото сомневање за повеќезначноста во искреноста на поранешната германска канцеларка го подгреа актуелниот германски канцелар, Олаф Шолц, со изјави во кои се препознава подавање рака на руската влада за економска соработка, „кој(г)а ќе стави крај на непријателствата“, но и дека „Русија ќе остане најголемата земја на европскиот континент по решавањето на конфликтот“. Секое понатамошно дообјаснување на овие изјави на двајцата германски канцелари само ги мултиплицира ризиците од нивната „искреност“. Единствениот вистинит одговор на прашањата што би произлегле од оваа ситуација на поигрување со тактики и манипулации со искреноста, секако, се штетата и недовербата во принципите на меѓународното право и наднационалните институции.
Меѓународното право (исто така познато како јавно меѓународно право и право на нациите) е збир на правила, норми и стандарди општо признаени како обврзувачки меѓу државите. Со него се воспоставуваат нормативни насоки и заедничка концептуална рамка за државите во широк опсег на домени, вклучувајќи: војна, дипломатија, економски односи и човекови права. Меѓународното право се разликува од правните системи засновани на државата по тоа што првенствено – иако не исклучиво – се применува на државите, наместо на поединци, и функционира во голема мера преку согласност, бидејќи не постои универзално прифатен авторитет да го спроведува тоа врз суверените држави.

Следствено, државите можат да изберат да не го почитуваат меѓународното право, па дури и да прекршат договор. Меѓутоа, таквите прекршувања, особено на меѓународното обичајно право и на универзалните норми (јус когенс), може да бидат дочекани со неодобрување од другите, а во некои случаи и принудна акција (од дипломатски и економски санкции до војна).
Суштината и смислата на меѓународното право и на наднационалните институции засновани врз неговите принципи е да постават еден функционален цивилизациски стандард, според кој, правото и правдината ќе бидат еднакви за сите меѓународни субјекти. Тоа претставува артикулација на цивилизациската потреба за култивирање на природните закони во кои владее принципот на правото на посилниот, без одговорност за своите постапки. Цивилизираноста претпоставува еднакво почитување на правото и правдата за сите. Секако, за одржување на тој универзален стандард се претпоставуваат чесност и искреност во меѓународните односи. Често се истакнува дека меѓународното право е најсилниот аргумент и алатка на малите држави и нации, кои со него во однос на универзалните права се рамноправни со големите сили.
Наспроти овие декларирани принципи, со кои се настојува да се регулираат односите во меѓународниот поредок, исто така е присутна и свеста за реалното политичко искуство, сублимирано во паролата: не постојат вечни пријателства, ниту вечни непријателства – само интересот е вечен. Воспоставувањето баланс меѓу принципите и интересите бара вештина на манипулирање и користење на сите можности, што се нарекува политика. Нарушувањето на тој баланс, најчесто на штета на принципите, вообичаено се прикрива со двојни стандарди, манипулации со вистината и со искреноста. Познато е дека во војна прво страда вистината, која и така сѐ потешко се препознава во нарушениот баланс на принципите и интересите. Ситуацијата предизвикана од искреното признание на поранешната германска канцеларка за неискрените мировни договори што ескалираа до воен конфликт меѓу Русија и Украина, што се рефлектира и со економска и енергетска криза во цела Европа, наметнува преиспитување на функционалноста и праведноста на актуелните принципи на меѓународното право.

Признанието на Меркел отвора сомневања и за чесноста и принципиелноста на други меѓународни договори во кои таа ги вложувала својот авторитет и влијание, како што е Преспанскиот договор на Македонија со Грција, па и Договорот за добрососедство со Бугарија. Индициите дека беа изневерени ветувањата (или само верувањата на македонските политичари) за брз почеток на преговорите за членство во ЕУ, откако Македонија ќе ги прифати овие договори, се појавија уште веднаш по нивното потпишување, а пет-шест години одложување на македoнските евроинтеграции со нови измислени услови се доволен аргумент дека вторите страни и гарантите – немаат намера да ги почитуваат. Покрај флагрантната асиметричност на (добро)соседските договори на Македонија, секако на наша штета, мисијата токму на Меркел во Скопје за прифаќање на Преспанскиот договор создава уште поголемо чувство на непријатност за смислена (европска) измама. Колатерален ефект од признанието на некогашната германска канцеларка може да бидат уште поголема резервираност и недоверба на македонската јавност спрема сите евромисионери што најавуваат посети на Македонија, со убедувачки намери за спроведување на уставните измени за наводен нов почеток на преговорите со ЕУ. Досегашната (не)искреност на меѓународните фактори се покажа како опасна за Македонија, отсега нашата доверба во секоја „искрена лага“ може да биде кобна!