Почнува трката по трофејот, а Вилјареал и по успехот на Порто

Реал Мадрид игра за 14-та титула, Ливерпул за седмата, а Манчестер сити и Вилјареал за првиот пехар во ЛШ. Актуелниот победник на Лига Европа, Вилјареал на Унаи Емери е на пат да го израмни неверојатното достигнување на Порто на Жозе Мурињо, кој ја освои ЛШ во 2004 година, една година по освојувањето на тогашниот Куп на УЕФА (сега Лига Европа)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, НЕДЕЛАВА ПРВИТЕ ПОЛУФИНАЛНИ МЕЧЕВИ

Во Лигата на шампионите (ЛШ) вечерва и утревечер се играат првите полуфинални натпревари, во кои се среќаваат фудбалски тимови од Англија и од Шпанија. Најтрофејниот, со 13 титули, Реал Мадрид му гостува на Манчестер сити, а Вилјареал на стадионот „Енфилд“ игра со Ливерпул, кој шест пати бил првак на Европа. Сити посакува повторување на сезоната 2019/2020, кога го елиминира Реал Мадрид во осминафиналето, победувајќи го двапати со по 2-1 и реванш за елиминацијата во полуфиналето во сезоната 2015/2016. „Граѓаните“ се во одлична серија, во Премиер-лигата и во ЛШ, каде што го елиминираа Атлетико во четврт-финалето и немаат примено гол на четирите нокаут-натпревари сезонава. На претходните шест меча во сите натпреварувања, Сити, кој е лидер во англиската Премиер-лига, има ефект од три победи, две ремија и еден пораз, а Реал Мадрид, кој е пред освојување на шампионската титула во Ла лига, има пет победи и едно реми.
Реал Мадрид допрва треба да го победи Сити на гости, откако на трите претходни натпревари двапати ремизира, а еднаш загуби. Најголемите очекувања се од Карим Бензема, кој е во исклучителна форма и кој постигна седум гола во нокаут-фазата сезонава, вкупно 12, само еден помалку од водечкиот стрелец, Роберт Левандовски од Баерн. Адути на „кралевите“ се и Лука Модриќ на средината на теренот и голманот Тибо Куртоа, кој има најмногу одбрани (19) во нокаут-фазата. За Реал Мадрид ова ќе биде 31-то, рекордно полуфинале во најквалитетното европско клупско натпреварување.
– Третпат сме во полуфиналето, тоа е неверојатно достигнување. Во четврт-финалето против Атлетико во реваншот имавме проблеми, но се надевам дека ќе одиграме како на првиот меч дома и ќе успееме повторно да се бориме за титулата – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити.

Ливерпул ќе има за задача да ѝ стави крај на успешната серија на Вилјареал, предводен од Унаи Емери, кој посакува повторување на неверојатното достигнување на Порто со тренерот Жозе Мурињо, кој во 2004 година триумфира во ЛШ, откако претходната сезона победи во тогашниот Куп на УЕФА (сега Лига Европа). „Жолтата подморница“ ги елиминира Јувентус во осминафиналето и Баерн во четврт-финалето во ЛШ сезонава и го повтори успехот од сезоната 2005/2006.
– Ќе биде навистина, навистина тешко против Вилјареал. Но ова е полуфинале на Лигата на шампионите, да не беше тешко, нешто не ќе беше во ред – рече Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Стадионот „Енфилд“ не е лесен стадион за играње, во што се увери Вилјареал во полуфиналето во Лига Европа (ЛЕ) во сезоната 2015/2016, кога, откако во првиот меч победи со 1-0, во реваншот загуби со 0-3. Во финалето во ЛЕ таа сезона, Ливерпул загуби од Севилја (1-3) на чија клупа беше Унаи Емери, сегашниот тренер на Вилјареал.
– За да постигнете нешто, треба да направите важни работи и да ги победите фаворитите. Натпреварот со Јувентус ни даде голема самодоверба. И во полуфиналето ќе се обидеме да ги искористиме нашите шанси. Ливерпул е многу силен тим, ќе биде одлично полуфинале, за уживање – изјави Емери.


ЛШ, ПОЛУФИНАЛЕ

Манчестер С. – Реал М. денеска, 21 ч.
Ливерпул – Вилјареал утре, 21 ч.

реваншите се идната недела