Донарума (најдобар фудбалер), Роналдо (прв стрелец) и Педри (најдобар млад фудбалер) на ЕП 2024 ќе ги бранат трофеите освоени на шампионатот во 2021 година, а Донарума, Вокер, Хојберг, Жоржињо, Педри, Киеза и Лукаку ќе се обидат одново да влезат во најдобриот тим на првенството. Фудбалерите ќе играат и за 51 награда за најдобриот по секој меч на ЕП 2024. Во секоја категорија може да биде поставен нов рекорд на првенствата
ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Џанлуиџи Донарума (Италија), Кристијано Роналдо (Португалија) и Педри (Шпанија) на годинашното Европско првенство (ЕП), кое почна вчера со натпреварот Германија – Шкотска, во Минхен, ќе ги бранат индивидуалните трофеи освоени на претходниот континентален собир, во 2021 година. Голманот Донарума беше прогласен за најдобар играч на ЕП 2020, центарфорот Роналдо ја освои наградата за најдобар стрелец на шампионатот, а плејмејкерот Педри (21) беше избран за најдобар млад фудбалер, до 22 години.
Европската фудбалска унија (УЕФА) на годинашното ЕП во Германија ќе додели вкупно пет индивидуални награди, од кои една за време на турнирот, за најдобри играчи по секој натпревар (вкупно 51). Покрај признанијата за најдобри фудбалери и за најдобар стрелец, УЕФА ќе награди и 11 фудбалери со членство во идеалниот состав на ЕП 2024.
Наградата за најдобар фудбалер се доделува од ЕП 1996, а досегашни победници се Матијас Замер (Германија, на ЕП 1996), Зинедин Зидан (Франција, ЕП 2000), Теодорос Загоракис (Грција, ЕП 2004), Чави (Шпанија, ЕП 2008), Андрес Иниеста (Шпанија, ЕП 2012), Антоан Гризман (Франција, ЕП 2016) и Донарума (Италија, ЕП 2020). Од актуелните учесници на ЕП 2024 во трка за втор ваков трофеј се Донарума и Антоан Гризман (Франција, за ЕП 2016), што би било рекорд.
Признанието за најдобар стрелец се доделува од првиот шампионат. Ако двајца или повеќе фудбалери имаат ист број голови, прво што решава се бројот на асистенции, а ако одново е израмнето, наградата оди кај фудбалерот што одиграл помалку минути. Роналдо и Гризман (најдобар стрелец на ЕП 2016) се во трка по рекорден втор ваков трофеј.
Најдобриот млад фудбалер на ЕП добива награда од 2016 година, кога признанието го освои Ренато Санчез од Португалија. Годинава за тоа признание во конкуренција се осумдесетина фудбалери.
Меѓу наградените за најдобри по секој натпревар на ЕП, според податоците на УЕФА, кумулативно најмногу, по шест, имаат Роналдо (по двапати во 2012 и во 2016 година и по еднаш во 2008 и во 2021 година) и Иниеста (трипати во 2012 година, двапати во 2016-та и еднаш во 2008 година), по четири имаат Андреа Пирло (Италија, трипати во 2012 година и еднаш во 2008-ма) и Зинедин Зидан (Франција, по двапати во 2000 и во 2004 година) итн.
Во најдобриот тим за ЕП 2020 влегоа Џанлуиџи Донарума (Италија) – Кајл Вокер (Англија), Леонардо Бонучи (Италија), Хари Мегваер (Англија), Леонардо Спинацола (Италија) – Пјер-Емил Хојбјерг (Данска), Жоржињо (Италија), Педри (Шпанија) – Федерико Киеза (Италија), Ромелу Лукаку (Белгија) и Рахим Стерлинг (Англија). Од нив, во составите на соодветните репрезентации и за ЕП 2024 се Донарума, Вокер, Хојберг, Жоржињо, Педри, Киеза и Лукаку. Според некои податоци, најмногу пати во тимот на првенството, по трипати, биле избрани Лорен Блан (Франција), Паоло Малдини (Италија), Пепе и Роналдо (Португалија)… Н.М.
ЕП 2024, ПРВО КОЛО
Група А
Германија – Шкотска синоќа
Унгарија – Швајцарија 15 ч.
Група Б
Шпанија – Хрватска 18 ч.
Италија – Албанија 21 ч.
Група Ц
Словенија – Данска утре, 18 ч.
Србија – Англија утре, 21 ч.
Група Д
Полска – Холандија утре, 15 ч.
Австрија – Франција понеделник, 21 ч.
Група Е
Романија – Украина понеделник, 15 ч.
Белгија – Словачка понеделник, 18 ч.
Група Ф
Турција – Грузија вторник, 18 ч.
Португалија – Чешка вторник, 21 ч.