Првите мечеви на програмата се утре (Бенфика – Интер и Манчестер сити – Баерн) и задутре (Реал Мадрид – Челси и Милан – Наполи). Реваншите се идната недела

ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Ждрепката за четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), како и секогаш, донесе неколку интересни дуели. Првите четвртфинални мечеви во 68-та сезона на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување на програмата се утре (Бенфика – Интер и Манчестер сити – Баерн) и задутре (Реал Мадрид – Челси и Милан – Наполи). Реваншите се идната недела.
Некогашните ривали во Бундеслигата и во Премиер-лигата, тренерите Томас Тухел и Пеп Гвардиола, имаат историја и во ЛШ. Тухел, назначен за наследник на Јулијан Нагелсман во Баерн на 24 март, го победи Гвардиола во финалето на ЛШ во 2021 година, со што го одведе Челси до втората европска титула. Тухел наследи тим што ќе треба да го запрат сезонава, откако Баерн победи во сите осум натпревари досега сезонава, совладувајќи ги и Барселона, Интер и ПСЖ на домашен и на гостински терен. Шесткратните европски прваци беа елиминирани во четврт-финалето во претходните две сезони, од ПСЖ и од Вилјареал, а поранешниот тренер Гвардиола и неговиот тим Манчестер сити ќе сакаат да го претворат тоа во несакан хет-трик, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Џошуа Кимих ја сумира нивната задача: „Дефинитивно ова е една од најтешките ждрепки, но уште сме сигурни и со нетрпение очекувам да играм против Пеп Гвардиола. Секој фудбалски љубител ќе се радува на двата натпревара, бидејќи се соочуваат два врвни тима“.
Откако стигна до финалето на Купот на европските шампиони (сега натпреварување со име Лига на шампионите) во 1990 година, Бенфика имаше пет настапи во четврт-финалето и секојпат беше елиминирана, сите во ерата на Лигата на шампионите. Интер, пак, е во четврт-финалето првпат по 12 години и не отиде подалеку откако го освои трофејот во 2010 година. Тогаш не е ни чудо што сите инволвирани во оваа двојка се во исчекување и се надеваат на враќање на деновите на успех.
– Интер се врати во четврт-финалето на Лигата на шампионите и навистина сме горди на тоа, бидејќи клуб како нашиот заслужува да игра вакви натпревари. Овие два меча со Бенфика ќе бидат неверојатни, со одлична атмосфера. Бенфика е силна екипа и голем клуб, кој заслужено победи во својата група. Но, и ние сме добар тим и сакаме да ги натераме нашите навивачи повторно да сонуваат. Ќе биде емотивна и тешка двојка – изјави тренерот на Интер, Симоне Инзаги, пренесе УЕФА.
Последните фази од ова натпреварување имаат тенденција да го извлечат најдоброто во Реал Мадрид и во Челси. „Сините“ лани се приближија до неверојатен пресврт против Реал Мадрид во оваа фаза на натпреварувањето. На тимот на Карло Анчелоти му требаа продолженија за победа, а Анчелоти потоа ја заврши сезоната како првиот тренер што го освоил трофејот четири пати. Откако Греам Потер беше разрешен од менаџерската функција во минатата недела, Челси го доведе поранешниот играч од средниот ред Френк Лампард за остатокот од сезоната. Во неговиот претходен период како шеф на „сините“ тој го водеше клубот до осминафиналето во 2020 година (пораз од Баерн) и до првото место во групата во Лигата на шампионите во следната сезона, пред да биде отпуштен во јануари 2021 година. Неговиот наследник, Тухел, ја освои ЛШ со Челси таа сезона. Може ли Лампард да го достигне овој пат, пишува УЕФА.
Наполи на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас првпат е во четврт-финалето на Лигата на шампионите, а Милан е седумкратен европски првак.
– Би сакал да не се соочам со италијанска екипа. Само Реал Мадрид има освоено повеќе трофеи во ова натпреварување од Милан, така што нивниот резултат зборува сам по себе. Сите знаат дека искуството на меѓународната сцена е клучно. Во овој поглед, Милан е фаворит. Тие исто така победија одличен тим во Тотенхем во осминафиналето. Милан постојано се подобрува – рече тренерот на Наполи, Лучијано Спалети. Н.М.