Ново правило за ангажирање странски фудбалери во Англија

Англиските клубови ќе можат да потпишат договор со одреден број фудбалери што не ги исполнуваат условите за бодови за работни дозволи, откако Министерството за внатрешни работи ги одобри новите критериуми за меѓународни визи за играчи, соопшти во средата Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, пишува агенцијата „Ројтерс“. Новите критериуми за одобрување на раководното тело (ГБЕ), кои важат од овој преоден рок, ќе им овозможат на тимовите од Премиер-лигата и во дивизијата Чемпионшип да ангажираат до четири такви фудбалери, а екипите од Лига 1 и од Втората лига ќе можат да ангажираат по двајца.

Додека главниот систем заснован на поени ќе остане во сила за мнозинството играчи што доаѓаат во Англија од странство, новото решение ќе обезбеди дополнителен пристап до меѓународните таленти, кои спаѓаат надвор од сегашните критериуми на ГБЕ, соопшти ФА, пренесе „Ројтерс“.
– Како раководно тело на англискиот фудбал, ние го надгледуваме целиот фудбалски екосистем и сакавме да создадеме нов модел што ќе ги исполни различните цели на нашите фудбалски чинители. Соработувавме тесно со клубовите и со лигите и дизајниравме прогресивно решение, кое на клубовите ќе им даде дополнителен пристап до меѓународните таленти и ќе ги поттикне можностите за игра за англиските таленти – рече извршниот директор на ФА, Марк Булингем.