На Европското првенство (ЕП) во фудбал, кое почнува утре со дуелот Германија – Шкотска, може да бидат поставени повеќе рекорди во разни категории. Така, по 16 ЕП Германија и Шпанија се рекордери со по три титули, па на ЕП 2024 може една од тие две селекции да стане осамен рекордер. Германија победи во 1972, 1980 и во 1996 година, а Шпанија славеше во 1964, 2008 и во 2012 година. Зад нив на оваа трофејна листа се Италија и Франција со по два триумфа, во 1968 и 2021, односно во 1984 и 2000 година.
Со еден настап на ЕП 2024 Шпанецот Ламин Јамал (16) може да стане најмлад фудбалер што заиграл на ЕП. Сега рекордер е Полјакот Каспер Козловски од Полска, кој имаше 17 години кога на ЕП 2020 играше на мечот со Шпанија. Во игра е и рекордот за најмлад стрелец на континенталните шампионати во Европа, кој сега го држи Јохан Вонлантен од Швајцарија, од ЕП 2004, кога имаше 18 години.
Португалецот Пепе (41) со еден одигран меч на ЕП 2024 може да стане највозрасниот фудбалер што играл на европските првенства. Актуелен рекордер е Унгарецот Габор Кирали, кој на ЕП 2016 настапи на 40-годишна возраст.
Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, утре на мечот со Шкотска ќе има 36 години и 327 дена и ќе стане најмлад селектор на европските првенства. Тој за само четири дена ќе го надмине некогашниот селектор на Македонија, Сречко Катанец, кој тој рекорд го постави како кормилар на репрезентацијата на Словенија, на ЕП во 2000 година.
Од другите рекорди за достигнување на ЕП 2024 се и, на пример, за најбрз хет-трик (Французинот Мишел Платини за 19 минути на ЕП 1984), најмногу голови на репрезентација на едно ЕП (Франција 14 во 1984 година), најмногу голови на фудбалер на едно ЕП (Платини, девет, ЕП 1984)… Н.М.