Фото: „Нова Македонија“

ЕП 2024 е врв на европскиот репрезентативен фудбал со најдобрите репрезентации што се натпреваруваат и затоа ги избравме најдобрите судии, кои ќе ги водат овие натпревари. Сите избрани судии постојано настапуваа според највисоките стандарди во врвните натпреварувања на УЕФА, како и во нивните домашни натпреварувања, рече Роберто Розети, директор за судење во УЕФА

ФУДБАЛ

Судискиот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) објави 18 судии, нивни помошници и официјални лица за системот видеопомошник-судија (ВАР), за 51 натпревар на годинашното Европско првенство (ЕП) во Германија. Според објавениот состав од УЕФА, на ЕП 2024 ќе има судии од 15 земји, и тоа по двајца од Германија, Англија, Италија и од Франција, а по еден од Португалија, Шпанија, Романија, Словачка, Холандија, Полска, Турција, Шведска, Швајцарија и од Словенија. Осуммина од нив беа судии и на ЕП 2020.
Судии за ЕП 2024 се Артур Соареш Диас (Португалија), Хесус Хил Манцано (Шпанија), Марко Гуида, Даниеле Орсато (Италија), Иштван Ковач (Романија), Иван Крузлиак (Словачка), Франсоа Летексиер, Клемент Турпан (Франција), Дени Макели (Холандија), Шимон Марчинјак (Полска), Халил Умут Мелер (Турција), Глен Ниберг (Шведска), Мајкл Оливер, Ентони Тејлор (Англија), Сандро Шерер (Швајцарија), Даниел Зиберт, Феликс Цвајер (Германија) и Славко Винчиќ (Словенија), објави УЕФА.
– ЕП 2024 е врв на европскиот репрезентативен фудбал со најдобрите репрезентации што се натпреваруваат и затоа ги избравме најдобрите судии, кои ќе ги водат овие натпревари. Сите избрани судии постојано настапуваа според највисоките стандарди во врвните натпреварувања на УЕФА, како и во нивните домашни натпреварувања. Тие се подготвија исклучително добро за да бидат на оваа позиција и имаме целосна доверба во нив да го покажат својот квалитет на ЕП 2024 – рече Роберто Розети, директор за судење во УЕФА.
Дополнително, како дел од соработката помеѓу УЕФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), судијата од Аргентина, Факундо Тељо, и неговите двајца помошници ќе се приклучат на европската група судии на европскиот шампионат, пишува УЕФА.
Таа соработка почна за ЕП 2020, кога натпревари на тој шампионат игран во 2021 година судеше Фернандо Рапалини од Аргентина (три меча од групната фаза, меѓу кои дуелот Украина – Македонија), а потоа шпанскиот судиски тим предводен од Хесус Хил Манзано беше на првенството на Јужна Америка, Копа Америка, во 2021 година (три натпревари).
Судиските тимови на секој натпревар ќе се состојат од судија, двајца помошници, четврти судија, резервен помошник-судија на стадионот и тим од тројца службени лица за ВАР. Подготовката на официјалните лица за ЕП 2024 ќе опфати курс за сите во Франкфурт, кон средината на мај, пишува УЕФА. Н.М.