Фото: Игор Бансколиев

Двете репрезентации досега одиграа четири меѓусебни натпревари, Италија победи на првиот, со 3-2 во Скопје, а потоа во следните три средби Македонија двапати ремизира (со по 1-1 во Торино и во саботата во Скопје) и еднаш победи (1-0 во Палермо, во полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство во 2022 година). Со ремито завчера, Македонија остана во трка за пласман на второто место во групата Ц, кое носи место на ЕП 2024

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонската фудбалска репрезентација и во трет натпревар во низа остана непоразена од репрезентацијата на Италија, која е актуелен европски првак. Во натпреварот завчера, од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2024 година, Македонија ремизира 1-1 дома со Италија и остана во трка за второто место во групата Ц, кое носи пласман на континенталниот шампионат в година во Германија.
– Оваа мала држава има 11 срца што ќе гинат на терен, и тие што влегуваат и тие што се на клупа и цел репрезентативен тим и мора да дојдеме и да бидеме гладни како што бевме денеска. Оваа банда секогаш прави нешто големо, тоа го направивме и порано – вели Енис Барди, стрелецот на голот за израмнување, од слободен удар од дваесетина метри во 81. минута (Италија поведе со голот на Чиро Имобиле во 47. минута).
Двете репрезентации досега одиграа четири меѓусебни натпревари. Италија победи на првиот, со 3-2 во Скопје во октомври 2016 година, а потоа во следните три средби Македонија двапати ремизира (1-1 во Торино, во октомври 2017 година и сега истиот резултат во Скопје) и еднаш победи (1-0 во март 2022 година во Палермо, во полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство во 2022 година).
– Против европски првак секогаш се тешки натпреварите. Одигравме тактички дисциплинирано и знаевме што бара селекторот од нас, знаевме кои се силните страни на италијанската репрезентација. Во првото полувреме немавме толку многу напади, но во вториот дел, по примениот гол, покажавме дека сакаме да играме и да се надигруваме со репрезентација како Италија и излеговме на висок пресинг. Играч на играч да играш со една ваква репрезентација каква што е Италија треба да имаш навистина доста страст во себе и желба за победа. Се смени играта, почнавме да напаѓаме, да ја имаме топката и тој гол што ни беше потребен стигна веднаш. Можевме уште еден, но тоа е дел од фудбалот. Одигравме еден меч за кој секој играч и селекторот заслужуваат почит – изјави Елиф Елмас.
По четири натпревари во циклусот квалификации за ЕП 2024 репрезентацијата на Македонија има четири бода, колку што има и Италија од три натпревари. Води Англија со 13 бода од пет средби, а втора е Украина со седум од четири меча. Последна е Малта без бодови од четири натпревари. Утре Македонија ѝ гостува на Малта и со победа ќе остане во конкуренција за пласман на ЕП 2024. Во мечевите во октомври и во ноември Македонија треба да им гостува на Италија и на Украина и да игра дома со Англија. На континенталниот шампионат ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи. Н.М.


Само три репрезентации се без загубен бод

По првите дуели во септемврискиот дел од квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2024 година во Германија и понатаму без загубен бод се репрезентациите на Шкотска, Франција и на Португалија, сите три селекции по пет натпревари. Од нив Португалија и Франција се и без примени голови (вкупната гол-разлика на Португалија е 15-0, а на Франција 11-0), а Шкотска прими еден погодок (12-1),и тоа од пенал. Двоцифрен број голови досега постигнаа и Англија (16), Швајцарија (14), Финска, Данска (по 11), Шпанија и Шведска (по 10).


Освоени се бодови и за напредок на ранг-листата на ФИФА

Фудбалската репрезентација на Македонија со ремито со Италија во натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија освои и многу бодови за ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Според интернет-страниците што се занимаваат со рангирање во живо, по мечевите во саботата, Македонија освои 7,7 бода и напредна за три места, на 65-то место. Со триумф утре на натпреварот со Малта на гости црвено-жолтите може да освојат уште 4,9 бода.


Шкотска утре може прва да се пласира на ЕП 2024

Шкотска веќе утре може да стане и првата репрезентација што ќе се пласира на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2024 година во Германија, ако со реми заврши натпреварот Норвешка – Грузија, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во групата А, Шкотска води со 15 бода (од пет меча), а потоа следуваат Шпанија со шест (три), Норвешка и Грузија со по четири (двете по четири средби) и Кипар без бодови (четири). На ЕП 2024 ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи, како и три најуспешни селекции од плејофот. Обезбедено место во плејофот имаат БиХ, Хрватска, Грузија, Грција, Израел, Италија, Казахстан, Холандија, Шкотска, Србија, Шпанија и Турција, според рангирањето во Лигата на нациите, пишува УЕФА.


ГРУПА Ц

Македонија – Италија 1-1
Украина – Англија 1-1
Малта – Македонија утре, 20.45 ч.
Италија – Украина утре, 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Англија 5 4 1 0 16-2 13
Украина 4 2 1 1 5-5 7
Италија 3 1 1 1 4-3 4
Македонија 4 1 1 2 5-12 4
Малта 4 0 0 4 1-9 0

ДОСЕГАШНИ МЕЃУСЕБНИ СРЕДБИ
ДВОЈКА РЕЗ. ЦИКЛУС
Македонија – Италија 2-3 СП 2018
Италија – Македонија 1-1 СП 2018
Италија – Македонија 0-1 СП 2022
Македонија – Италија 1-1 ЕП 2024