Ливерпул, кој го совлада Вилјареал со 2-0, веќе триумфира во Лига-купот, ќе игра во финалето на ФА-купот, а во Премиер-лигата заостанува еден бод зад Манчестер сити. Со тројна круна во една сезона (ЛШ, домашно првенство и куп) можат да се пофалат само седум тима, а од нив само Селтик во иста сезона освоил четири трофеи (плус и Лига-куп)

Ливерпул го совлада Вилјареал со 2-0 во првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите (ЛШ) на стадионот „Енфилд“, со што е блиску до пласман во финалето (трето во претходните пет сезони) и во игра за освојување четири трофеи во една сезона, што досега му успеало само на Селтик, во 1967 година, кога беше европски првак, домашен шампион и победник на Купот и на Лига-купот на Шкотска. Ливерпул, кој триумфира во Лига-купот, во финалето на ФА-купот ќе игра со Челси, а во Премиер-лигата заостанува еден бод зад Манчестер сити на пет кола до крајот на првенството.
Со тројна круна во една сезона, пак, со победи во ЛШ, во домашното првенство и во домашниот куп, можат да се пофалат само седум тима, и тоа Селтик (плус победи и во Лига-купот), Ајакс, ПСВ Ајндховен, Манчестер јунајтед, Барселона (двапати), Интер и Баерн (двапати). Останува да се види дали Ливерпул ќе успее да ги освои четирите трофеи, до кои го делат уште осум меча за триесетина дена, од кои секој практично е куп-финале.
„Црвените“ со триумфот над Вилјареал ја продолжија серијата без пораз во полуфинале дома во ЛШ (10 победи и две ремија) и никогаш не биле елиминирани по победа на првиот дуел со 2-0 дома. Во европските купови само двапати еден тим што ја загубил првата средба во полуфиналето со 0-2 ја надоместил таа негатива и се пласирал во финалето, и тоа Хамбургер со Реал М. (0-2, 5-1) во 1980 година и Рома со Данди јунајтед (0-2, 3-0) во 1984 година. Но опомена за Ливерпул е фактот дека прими барем три гола на гости на претходните две полуфиналиња во ЛШ, од Рома (5-2, 2-4) во 2018 година и од Барселона (0-3, 4-0) во 2019-та. Од друга страна, Ливерпул на 13 од претходните 14 меча во нокаут-фаза во ЛШ одеше во следната рунда по победа на првиот дуел, освен во 2002 година во четврт-финалето, со Баер (дома 1-0, на гости 2-4).
Ливерпул сезонава победи на девет меча во ЛШ, најмногу во една кампања во европските натпреварувања во клупската историја. Вилјареал на овој меч упати само еден удар на противничкиот гол, најмалку на полуфинален меч во ЛШ откако се бележат вакви податоци. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, беше задоволен од играта на своите фудбалери, но неговото расположение беше сѐ само не триумфално. Немаше прослави со тупаница по последниот судиски свиреж, затоа што е свесен дека претстојат уште 90 минути игра во Шпанија.
– Игравме одлично во нападот и во одбраната. Два-нула е добар резултат, но ова е само прво полувреме, ништо не е готово – вели Клоп.


ЛШ, ПОЛУФИНАЛЕ

Ливерпул – Вилјареал 2-0
Манчестер сити – Реал М. 4-3
реваншите се на 3 и на 4 мај