ФУДБАЛ
Предвидени се многу меѓународни натпревари во јули и во август на повеќе континенти, меѓу другите, дуелите Реал – Барселона и Ливерпул – Манчестер ј., потоа некогашни мечеви за европската титула, Реал – Милан, Милан – Барселона и Челси – Манчестер с., како и, на пример, средбите Манчестер с. – Милан, Арсенал – Манчестер ј., Манчестер с. – Барселона, Арсенал – Ливерпул, Баерн – Тотенхем, Челси – Реал, Јувентус – Атлетико, Челси – Интер…
По завршувањето на континенталните првенства на Европа и на Јужна Америка фокусот полека се враќа кон клупскиот фудбал. Клубовите од најсилните пет првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) ги почнаа подготовките за новата сезона, а летово се предвидени многу меѓународни пријателски натпревари на повеќе континенти и дерби-дуели на тимови од иста земја на неутрален терен во пресрет на новата сезона во европскиот фудбал.
Така, на програмата, меѓу другите, се шпанското дерби, т.н. „ел класико“ помеѓу Реал Мадрид и Барселона во Њу Џерси и дуелот на англиските премиерлигаши Ливерпул и Манчестер јунајтед во Јужна Каролина, двете на 4 август. Закажани се и натпревари што се репризи на три финалиња за европската клупска титула, и тоа средбите Реал Мадрид – Милан на 1 август во Чикаго (играа меѓу себе за титулата во 1958 година), Челси – Манчестер сити на 3 август во Охајо (се сретнаа во финалето на Лигата на шампионите во 2021 година) и Милан – Барселона на 7 август во Балтимор (финале за европскиот трофеј во 1994 година).
Од другите подготвителни средби предвидени да се играат во јули се, на пример, мечевите Бенфика – Вилјареал на 21 јули во Франција, Спортинг – Севилја на 23 јули во Лисабон, Борусија Дортмунд – Серезо на 24 јули во Осака, Спортинг – Атлетик Билбао во Лисабон и Манчестер сити – Милан во Њујорк на 27 јули, потоа Арсенал – Манчестер јунајтед на 28 јули во Лос Анџелес, Бенфика – Феенорд на 29 јули во Лисабон, Манчестер сити – Барселона на 31 јули во Орландо…
Во август, пак, треба да играат, на пример, Арсенал – Ливерпул во Филаделфија и Реал Мадрид – Милан во Чикаго на 1 август, Манчестер сити – Челси во Охајо и Баерн – Тотенхем во Сеул на 3 август (баерн и Тотенхем потоа играат и на 10 август во Лондон), Борусија Дортмунд – Вилјареал на 6 август во Австрија, Арсенал – Баер во Лондон, Челси – Реал Мадрид во Шарлот и Барселона – Милан во Балтимор на 7 август, Борусија Дортмунд – Астон вила во Дортмунд на 10 август, Челси – Интер во Лондон, Ливерпул – Севилја во Ливерпул и Јувентус – Атлетико Мадрид во Гетеборг на 11 август…
Сигурни учесници во групната фаза во новата сезона на Лигата на шампионите (ЛШ) се ПСВ Ајндховен, Манчестер сити, Милан, Арсенал, Барселона, Ливерпул, Реал Мадрид, Лајпциг, Астон вила, Баерн, Борусија Дортмунд, Пари сен Жермен, Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Баер, Феенорд, Спортинг, Бенфика….
Од петте најсилни домашни првенства во Европа, шпанската Ла лига почнува на 15 август, еден ден подоцна англиската Премиер-лига, потоа италијанската Серија А на 17 август, француската Лига 1 на 18 август, а германската Бундеслига на 23 август.
Сепак, сезоните во Англија и во Германија, на пример, ќе почнат со натпреварите на домашните суперкупови, на 10 август (Манчестер сити – Манчестер јунајтед), односно на 17 август (Баер – Штутгарт). Европската сезона на трофеи, пак, почнува со дуелот од Суперкупот помеѓу континенталниот првак Реал Мадрид и победникот на Лига Европа, Аталанта, на 14 август, во Варшава. Н.М.