Фото: ЕПА

Кејн постигна два гола и сега има 27, а потоа, пред мечевите вчера во соодветните првенства, следуваат Мбапе од ПСЖ со 21 гол, Мартинез од Интер со 20 погодока…

ФУДБАЛ

Хари Кејн постигна нови два гола во трката за најдобар стрелец во Европа сезонава и сега има 27 гола, откако со погодоците му донесе победа на Баерн, дома, на мечот со Лајпциг, 2-1, во 23. коло на германската фудбалска Бундеслига. Англискиот центарфор сега има 54 поена на табелата за „златната копачка“ на Европа, на која следуваат Французинот Килијан Мбапе со 21 гол, пред вчерашниот натпревар на ПСЖ дома со Рен, во првенството на Франција, Аргентинецот Лаутаро Мартинез со 20, пред натпреварот на Интер синоќа на гости со Лече…
Кејн веќе стана Англичанецот со најмногу голови во една сезона во Бундеслигата, надминувајќи ги Кевин Киген и Џејдон Санчо, пишува „Би-би-си“. Со погодокот на дуелот со Бохум во минатата сабота стана фудбалер што најбрзо постигнал 25 гола во германската Бундеслига во една сезона (по 22 меча, три помалку од поранешниот напаѓач на Борусија Дортмунд, Ерлинг Холанд).
Центарфорот на Баерн е во трка и по рекордот во Бундеслигата, 41 погодок на поранешниот напаѓач на Баерн, Роберт Левандовски, во сезоната 2020/2021. Сезонава има уште 11 кола во германското првенство. Кејн, исто така, може да ја надмине и својата најдобра сезона, од 41 гол во 48 натпревари за Тотенхем во сезоната 2017/2018, откако сезонава постигна 31 погодок во сите натпреварувања, пишува „Би-би-си“. Н.М.