ФУДБАЛ

Ждрепката за Светското првенство (СП) за фудбалери до 20 години во Аргентина се влечеше во Цирих, седиштето на Светската фудбалска федерација (ФИФА), поставувајќи го теренот за големиот настан на идните фудбалски ѕвезди во мај. Младинското СП е натпреварување што се игра од 1977 година и на кое за најдобри играчи беа прогласувани, меѓу другите, Диего Марадона, Роберт Просинечки, Адриано, Сеиду Кеита, Хавиер Савиола, Лионел Меси, Серхио Агуеро, Пол Погба…, а наградата за најдобар стрелец ја освојуваа на пример Рамон Диаз, Савиола, Меси, Агуеро, Ерлинг Холанд…
ФИФА ги потврди и распоредот на натпреварите и градовите-домаќини на турнирот. Вкупно 24-те репрезентации се поделени во шест групи, мечевите ќе се играат во четири града, Ла Плата, Мендоза, Сан Хуан и Сантијаго дел Естеро. СП 2023 почнува на 20 мај, со четири натпревари, вклучувајќи го и тој на домаќинот Аргентина со Узбекистан. Двојки за првото коло, Група А: Аргентина – Узбекистан, Гватемала – Нов Зеланд. Група Б: САД – Еквадор, Фиџи – Словачка. Група Ц: Сенегал – Јапонија, Израел – Колумбија. Група Д: Италија – Бразил, Нигерија – Доминиканска Република. Група Е: Уругвај – Ирак, Англија – Тунис. Група Ф: Франција – Јужна Кореја, Гамбија – Хондурас. Н.М.