Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. На оваа необична листа е и Англичанецот Џими Кејс, европски првак со Ливерпул во 1977, 1978 и во 1981 година, кој во 1978 година беше прогласен за најдобар млад фудбалер во Европа

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (5)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќето од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за рекорден шести таков пехар, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини.
Меѓу нив има на пример и трикратни европски прваци, но и други фудбалери што биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации…
Во претходните неколку продолженија ви ги претставивме голманот Хенц Стај (78) од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург (75) од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандскиот Ајакс, со кој трипати беа европски прваци, потоа уште еден трикратен европски шампион, Германецот Бернд Дирнбергер (69), дефанзивен играч од средниот ред на германскиот Баерн, но всушност универзален фудбалер, како и плејмејкерот од Шкотска, Џон Мекгаверн (73), капитен при освојувањето на двете европски титули на англиски Нотингем форест.
На оваа необична фудбалска листа е на пример уште еден трикратен европски клупски првак, плејмејкерот од Англија Џими Кејс (68). Тој беше член на една славна генерација на Ливерпул, со која титулата на Стариот Континент ја освои во 1977, 1978 и 1981 година.

Во првото финале од таа низа Кејс го одигра целиот натпревар во победата над Борусија Менхенгладбах од Германија, со 3-1, потоа настапи 63 минути во триумфот на дуелот со белгиски Клуб Бриж со 1-0 во финалето во 1978 година и пет минути во победата во мечот за европската титула во 1981 година, над шпански Реал Мадрид, со 1-0. Негови соиграчи во тие финалиња беа голманот Реј Клемес, Фил Нил, Тери Мекдермот, Кевин Киген… (англиски репрезентативци), Кени Далглиш, Греам Сунес, Алан Хансен… (репрезентативци на Шкотска)…
Покрај овие титули, Кејс со Ливерпул беше и по еднаш победник на Купот на УЕФА, во 1976 година (стрелец на еден гол во првиот од двата финални меча со Клуб Бриж, 3-2, кога Ливерпул вкупно победи со 4-3, а Кејс го одигра целиот втор финален дуел во тоа натпреварување) и во европскиот Суперкуп во 1977 година (7-1 по два натпревара со германски Хамбургер), потоа освои четири титули првак на Англија, еден Лига-куп…
Тој во 1978 година беше прогласен и за најдобар млад фудбалер во Европа, во избор на италијанскиот весник „Гуерин спортиво“ (награда што се доделуваше до 2015 година, а ја добиле на пример и Марко ван Бастен, Паоло Малдини, Роберто Баџо, Емилио Бутрагењо, Роберт Просинечки, Пеп Гвардиола, Рајан Гигс, Патрик Клајверт, Алесандро Дел Пјеро, Роналдо Назарио да Лима, Џанлуиџи Буфон, Икер Касилјас, Вејн Руни, Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Карим Бензема, Томас Милер, Еден Азар, Пол Погба…). По освојувањето на третата континентална титула, Кејс ја продолжи кариерата во Брајтон, со кој беше финалист на ФА-купот во 1983 година, потоа играше и во Саутемптон, Борнмут… Тој одиграл вкупно над 600 клупски меча, освоил 14 трофеи…
Кејс има еден настап за репрезентацијата на Англија за фудбалери до 23 години, но остана без одигран натпревар за сениорската репрезентација. Г.М.

(продолжува)

Идната недела: Победник во два европски купа