Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – СО ТРИУМФОТ СО МАНЧЕСТЕР СИТИ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Тој е третиот тренер со барем три европски титули и шестиот со такви трофеи освоени со два клуба

Шпанецот Пеп Гвардиола со триумфот со Манчестер сити стана четвртиот тренер што барем трипати го освоил трофејот во фудбалската Лига на шампионите (порано натпреварување со име Куп на шампионите). Тој претходно славеше двапати како тренер на Барселона, во 2011-та и две години претходно.

На оваа листа прв се запиша Англичанецот Боб Пејсли, кој трипати беше континентален шампион со Ливерпул, во 1977, 1978 и во 1981 година. Потоа хет-трик направи Италијанецот Карло Анчелоти, откако победи со Милан во 2003 и во 2007 година и со Реал Мадрид во 2014-та, а тој потоа славеше и во 2022 година со Реал Мадрид и со тоа води на листата најтрофејни тренери во Лигата на шампионите, со четири европски титули. Хет-трик оствари и Французинот Зинедин Зидан, кој славеше со Реал Мадрид, трипати во низа, во 2016, 2017 и во 2018 година.

Гвардиола стана и шестиот тренер што со два клуба ја освојува европската титула. Тоа пред него го остварија Австриецот Ернст Хапел (со Феенорд во 1970-та и со Хамбургер во 1983 година), потоа Германците Отмар Хицфелд (со Борусија Дортмунд во 1997 и со Баерн во 2001) и Јуп Хенјкес (со Реал Мадрид во 1998 и со Баерн во 2013 година), Португалецот Жозе Мурињо (со Порто во 2004-та и со Интер во 2010-та) како и Анчелоти (со Милан во 2003 и во 2007 година и со Реал Мадрид во 2014 и во 2022 година).