Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Тој е 12-от фудбалер со освоен трофеј во лига на шампионите и на светско првенство во иста сезона, прв меѓу нив и со двојна домашна круна (првенство и куп) и 13-от што ги освои клупските континентални титули и во Европа и во Јужна Америка

Фудбалерот на Манчестер сити, Хулијан Алварез, го резервира своето место во историјата како првиот играч што освоил тројна круна со освојување на европската титула, домашното првенство и куп, како и светско првенство во иста сезона, пишува „Би-би-си“.

Вкупно 11 играчи пред 23-годишниот аргентински напаѓач ја освоија европската клупска титула и светската со репрезентација во иста сезона, но ниту еден не освои и домашна двојна круна. Алварез, кој не влезе на теренот во победата во финалето на Лигата на шампионите со 1-0 над Интер во Истанбул, сезонава е втор најдобар стрелец на Манчестер сити, со 17 гола во сите натпреварувања (зад водечкиот Ерлинг Холанд со 52 гола) и беше трет стрелец на Светското првенство во 2022 година (зад Французинот Килијан Мбапе и Аргентинецот Лионел Меси).

Пред Алварез светска титула со репрезентација и европска клупска титула во иста сезона освоија и Ханс-Георг Шварценбек, Герд Милер, Ули Хенес, Паул Брајтнер, Сеп Маер, Франц Бекенбауер и Јуп Капелман во 1974 година со селекцијата на Германија и со Баерн, потоа Кристијан Карембе во 1998 година со Франција и со Реал Мадрид, Роберто Карлос во 2002 година со репрезентацијата на Бразил и со Реал Мадрид, Сами Кедира во 2014 година со Германија и со Реал Мадрид и Рафаел Варан во 2018 година со Франција и со Реал Мадрид.

Алварез стана и 13-от фудбалер што ги освоил клупските континентални титули, во Европа и во Јужна Америка (тој победи со Ривер плата во 2018 година во Копа Америка). Претходно тоа го направија и Пабло Сорин (со Јувентус и со Ривер плата), Кафу (Сао Пауло и Милан), Данило (Сантос и Реал Мадрид), Дида (Крузеиро и Милан), Нејмар (Сантос и Барселона), Рафиња (Баерн и Фламенго), Роналдињо (Барселона и Атлетико Минеиро), Роке Жуниор (Палмеирас и Милан), Давид Луиз (Челси и Фламенго), Рамиреш (Челси и Палмеирас), Карлос Тевез (Манчестер јунајтед и Бока јуниорс) и Валтер Самуел (Интер и Бока јуниорс).

Алварез досега освои 12 различни трофеи со клубови и со сениорската репрезентација на Аргентина, но ниту еден двапати.