ФУДБАЛ – ЗА ПРВИОТ МЕЧ НА СП 2023
Отворањето на годинашното Светско првенство за фудбалерки, мечот Австралија – Република Ирска, е преместено на поголем стадион поради големата побарувачка за билети, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Првиот меч на Мундијалот првично требаше да се игра на новиот стадион „Алијанц“ во Сиднеј, кој има 42.500 седишта, но е префрлен на стадионот „Австралија“, кој има повеќе од 82.000 седишта. Поранешниот олимписки стадион, исто така, ќе биде домаќин на финалето на Светското првенство.
Турнирот, чиј домаќини се Австралија и Нов Зеланд, ќе почне на 20 јули со мечот Нов Зеланд – Норвешка во Окланд. Натпреварот на Австралија со Р Ирска е закажан за подоцна во текот на денот.
– Ќе биде неверојатен почеток за Светското првенство. Два апсолутно големи натпревари и очекуваме над 100.000 гледачи да ги исполнат тие два стадиона – рече Сараи Бареман, главниот директор за фудбал за жени на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пренесе АП.
Рекордната посета на меч на репрезентацијата на Австралија е 36.109 гледачи, во 2021 година, на мечот Австралија – САД, пишува АП.