ФУДБАЛ – ЗАДУТРЕ ФИНАЛЕ НА КОНФЕРЕНЦИСКАТА ЛИГА

Годинашните финалисти на Конференциската лига досега освоија по еден трофеј во некогашниот Куп на победниците на куповите, Фиорентина во 1961 година, а Вест хем во 1965 година. Победникот на Конференциската лига ќе се пласира во групната фаза на Лига Европа за идната сезона

Фиорентина и Вест хем ќе се сретнат во финалето на втората сезона на фудбалската Конференциска лига задутре, во Прага, во меч во која и двата тима ќе играат за освојување на вториот европски трофеј во нивните истории по пауза од повеќе од половина век.

Италијанската Фиорентина нема освоено голема европска титула од трофејот во некогашниот Куп на победниците на европските купови (тоа натпреварување се играше до 1999 година, кога се спои со тогашниот Куп на УЕФА, натпреварување сега со име Лига Европа) во 1961 година, што беше прва сезона на натпреварувањето.

Фиорентина сега ќе игра за трофејот во новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), во кое сезонава постигна 36 гола во 14 натпревари на патот до финалето (седум постигна најдобриот стрелец, Артур Кабрал), пишува УЕФА.
– Ова е мојата прва сезона во Европа и да стигнам до финалето е голема сатисфакција. Овој пат до финалето секогаш ќе остане со нас, но сега имаме мисија што треба да ја завршиме – вели за УЕФА Винченцо Италијано, тренер на Фиорентина.

Полуфиналистот на Лига Европа во минатата сезона, англискиот Вест хем на тренерот Дејвид Моес, отиде чекор понатаму во Конференциската лига и сега е на еден меч до нов голем континентален успех, по трофејот во Купот на победниците на куповите (КПК) во 1965 година.
– Ние сме апсолутно одушевени. Тоа е големо достигнување за клубот, но сега треба да одиме и да го освоиме трофејот – рече Моес.

Двата клуба сезонава со настапот во домашното првенство не обезбедија учество во европските купови во следната сезона. Победникот на Конференциската лига ќе се пласира во групната фаза на Лига Европа за идната сезона.

Трофејот на Конференциската лига е висок 57,5 сантиметри и е тежок 11 килограми. Се состои од 32 шестаголни дела, по еден за секој тим во групната фаза на натпреварувањето, кои се извртуваат од основата кон врвот. За победничкиот тим има и 40 златни медали, а за второпласираниот 40 сребрени медали.
Победник на првата сезона во Конференциската лига, лани, беше италијанската Рома, која сезонава настапи во финалето на Лига Европа.


Фиорентина ќе стане првиот клуб со настапи во сите четири големи европски финалиња

И двата финалиста во фудбалската Конференциска лига, Фиорентина и Вест хем, по еднаш победија во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК). Фиорентина во финалето во 1961 година во две средби го победи Глазгов ренџерс со вкупно 4-1. Вест хем го освои истиот трофеј четири години подоцна, совладувајќи го Минхен 1860 со 2-0 во решавачкиот натпревар на стадионот „Вембли“. И двата клуба одиграа уште по едно финале во тоа КПК, Фиорентина во 1962 година (загуби од Атлетико Мадрид со 0-3), а Вест хем во 1976 година (загуби со 2-4 од Андерлехт).
Фиорентина играла и во финале на некогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите), во 1957 година (0-2 на мечот со Реал Мадрид) и во Лига Европа, во 1990 година (1-3 на дуелот со Јувентус). Фиорентина задутре во Прага ќе стане првиот клуб што ќе настапи во сите четири големи финалиња на клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува УЕФА.