Фото: Игор Бансколиев

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (253)

ЖАРКО РИСТОСКИ (2)

Ристоски годинава со Ал Рајан од Доха стана шампион на Катар и го освои петтиот клупски трофеј во оваа земја. На патот до овие успеси тој беше селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија, тренер и играч на Шкендија, а остави печат во одбојкарскиот спорт во Швајцарија, Кипар и во Саудиска Арабија

За одбојкарскиот ас Жарко Ристоски и за неговите постигнувања во играчката кариера веќе пишував, па овој пат ќе се осврнам на неговата успешна селекторска и тренерска кариера. Момчето што првиот контакт со одбојката го имаше во Лешок, за потоа да стигне до спортските височини, помина низ еден навистина интересен и динамичен пат. Во текот на богатата играчка кариера, почнувајќи од 1990 година, кога како кадет почна да настапува за македонската репрезентација, па сѐ до 2010 година, полни 20 години, го носеше дресот на нашиот национален тим во сите категории, од кадети до сениори. Според тоа може слободно да се каже оти Ристоски е меѓу малкутемина спортисти што имаат толку долг репрезентативен стаж. Кога на ова ќе се додаде дека тој беше и селектор на сениорската репрезентација на Македонија, со која освои една бронза (во 2014 година) и две сребра во евролигата на нациите (во 2015 и во 2016-та), тогаш станува јасно за каква не само одбојкарска туку и спортска величина станува збор.

Што е многу значајно, тој беше на кормилото на нашата репрезентација во еден тежок период, кога Федерацијата ја мачеа финансиските проблеми. Иако одвај се врзуваше крај со крај, тој на нему својствен начин, користејќи го искуството од неговиот претходник Јошко Миленкоски, успеа да создаде една атмосфера во тимот и да ги искористи сите играчки потенцијали. Така, по освоената бронза во Европската лига во 2014 година, следните две години под водството на Ристоски, Македонија освои два сребрени медала. Ова беа и најголемите негови успеси со националниот тим, со кои се етаблира како еден од најмладите и најталентирани тренери, не само на овие наши простори туку и на европските.

Но да видиме како течеше неговиот тренерски живот, до моментите кога во вистинска смисла на зборот блесна во Ал Рајан од Доха, со кој во претходните две години освои пет трофеи во Купот и во шампионатот на Катар.

ДВОЈНА КРУНА СО ШКЕНДИЈА

Кога сите помислија дека Ристоски ја заврши својата играчка одисеја, сепак „јуначкото срце“ не му даваше толку лесно да се збогува со одбојкарскиот терен. Нешто тлееше во него, чувствуваше оти без спортот од неговата младост не ќе може. Затоа, и покрај најавениот крај, во сезоната 2010/2011 тој продолжи со своето играње во тетовска Шкендија, во која беше и тренер. Жарко длабоко беше навлезен во одбојката, имаше акумулирано големо искуство, но и теоретски знаења, бидејќи го заврши и Факултетот за физичка култура во Скопје. Така, користејќи го играчкото искуство, поткрепено со оние научни сознанија добиени на факултетот, тој беше комплетна личност, која уште на почетокот од својата кариера со Шкендија ја освои двојната круна во Македонија.
– Не можев лесно да се откажам од играњето, па затоа и покрај тоа што бев тренер, настапував на сите мечеви на позицијата на либеро. Имав еден одличен состав и на крајот од сезоната не беше ни чудно што Шкендија стана шампион и куп-победник.

Овој резултат уште повеќе ме поттикна и веќе мојата иднина беше предодредена, се посветив на тренерската работа и тргнав по неизвесниот пат – вели Ристоски.
Се чини оти Ристоски не згреши и набрзо се виде дека токму тука, меѓу тренерската фела е неговото место. Потоа, иако имаше тешки и неизвесни мигови, цврсто остана на нозе и во ниту еден момент не се поколеба дали ова што го работи е она вистинското за него. Продолжи и почна да жнее успеси.

ПОЧЕТОК НА ТРЕНЕРСКАТА ОДИСЕЈА

ОК Шкендија беше првата станица на која Ристоски се проба како тренер, за потоа да дојде она вистинското тренерско патешествие. Имајќи голема поткрепа од семејството, во кое во тие моменти во синот Лука се наsираше нова одбојкарска sвезда, Жарко „одлета“ на Кипар и две сезони беше тренер на Неа Саламина.
– Овде како да се совпаднаа сите коцки. Наидов на солидна екипа, само требаше да им се најде вистинското место на одбојкарите, меѓу кои имаше неколкумина што навистина располагаа со висок квалитет. Откако успеав да ја завршам таа фаза од работата, почнаа да доаѓаат и резултатите. Веќе првата сезона по 11-годишен пост, Неа Саламина стана шампион на Кипар, а веќе следната година го освоивме и Купот. Тоа беа две прекрасни години исполнети со радости и успеси – се сеќава Жарко.

Меѓутоа Ристоски не се задоволуваше со овие клупски успеси, туку сакаше да стори нешто и на репрезентативен план.
– Понесен од помислата дека и со репрезентацијата на Македонија ќе можам да постигнам добри резултати на меѓународната сцена, ја прифатив поканата и во октомври 2013 година дојдов на кормилото на нашиот сениорски тим. Иако бев свесен дека Федерацијата се бори со многу проблеми, пред сѐ финансиски, ми претставуваше чест да го водам тимот на мојата земја. Проблемите притискаа, но некако ги решававме. Често беа доведени во прашање и патувањата на значајните меѓународни средби, но и тука благодарејќи на нашата сплотеност изнаоѓавме решенија и достојно се боревме бранејќи ги боите на нашата држава. Условите за работа беа аматерски, најчесто се случуваше со автобус да патуваме на долги дистанци, како на пример, дури до Полска. Но и покрај тоа, во периодот на моето селекторување на европска сцена успеавме да совладаме неколку силни репрезентации, како на пример Бугарија (комбиниран состав), Австрија, Албанија. Во Евролигата пред да заминам во шест настапи имавме исто толку победи – вели тој.

Македонија во тие години стана редовен учесник во Евролигата на нациите. На првиот настап бевме трети, а во следните две сезони, 2015 и 2016, игравме во финалните дуели. Да се освојат две сребра едноподруго не беше мала работа. По овие успеси порасна и рејтингот на предводникот на македонскиот тим Жарко Ристоски, кому му се отворија нови перспективи.

НЕЗАБОРАВНИ МИГОВИ ВО КАТАР

Во сезоната кога беше селектор на македонската репрезентација, во која за извршувањето на селекторска функција не зеде ниту денар, Ристоски потпиша договор со кипарска Омонија. Уште во почетокот стана јасно оти му одговара средината таму и на радост на симпатизерите на популарниот клуб беше освоен Суперкупот. Тогаш, по потреба Ристоски и настапуваше за екипата и практично тоа му беше последна сезона како играч. Но таму не остана долго. Дојде понуда од Швајцарија и во 2016 година застана на кормилото на Шененверд.
– Клубот е од едно мало место оддалечено 60 километри од Цирих и немаше своја сала. Затоа, натпреварите ги игравме во друг град. Но тоа не беше пречка за нашите симпатизери да дојдат и да нѐ бодрат. Местенцето го зафати вистинска одбојкарска „треска“ и на крајот од сезоната бевме трети во Швајцарија. Ваков успех речиси никој не очекуваше, но, ете, се пробивме во кремот – вели со насмевка Ристоски, потсетувајќи се на деновите поминати со Шененверд.

Момчето што својот одбојкарски живот го почна во селото Лешок со брзи чекори одеше кон европскиот тренерски врв. За него беа заинтересирани повеќе екипи. Така, и покрај настојувањата Швајцарците да го задржат во својата средина, тој трагајќи по нови предизвици имаше едногодишна епизода во клубот Танурин во Либан, за во мај во 2019 година да стапи на должноста прв тренер на репрезентацијата на Саудиска Арабија. Во оваа земја, Ристоски помина две сезони, а зад себе остави добри резултати, особено на азискиот континент и во натпреварите меѓу земјите од арапскиот свет. Тоа беше повод за луѓето од Катар да „загризат“ по него и во август во 2021 година да го доведат во Ал Рајан од Доха.
– Овде постигнав извонредни резултати. За две години освоив сѐ што можеше да се освои. Последната шампионска титула освоена неодамна беше мојот петти трофеј во Катар освоен со Ал Рајан. Луѓето што го водат клубот се горди на постигнатите резултати и веруваат дека успесите ќе се нижат и во иднина – вели Жарко Ристоски.

Но тренерскиот занает е неизвесен. И покрај сите овие убави мигови доживеани во Доха, никогаш не се знае каде ќе те одведе патот. Засега Ристоски и неговото семејство се задоволни и уживаат во Катар, земја што има големи спортски амбиции и која впрочем беше организатор и на последното Светско фудбалско првенство.