Предвидени се 16 групи со по три селекции (двете првопласирани ќе се пласираат во нокаут-рунда), а се зборува и за „домашна предност“ за победникот во групата, пенали по реми за дополнителен бод… Се разгледувала и опцијата за 12 групи (понатаму би оделе првите две и осум третопласирани екипи), што би значело вкупно 104 меча (64 досега), еден натпревар повеќе отколку досега за да се стигне до титулата, за една недела подолго СП…

ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) размислува за промена на сегашниот формат за Светското првенство (СП) во 2026 година во САД, Канада и во Мексико, на кое првпат ќе настапат 48 репрезентации (од СП 1998 играат по 32), кои ќе треба да одиграат многу повеќе натпревари отколку на годинашното СП во Катар.
Во моментов, на СП со 32 селекции ќе треба да се одиграат 64 натпревари, 48 во групната фаза, плус 14 во нокаут-рундата, финале и меч за третото место. На СП со 48 репрезентации и натаму се предвидени 48 натпревари во групите, но вкупниот број на мечеви ќе се зголеми на 80. Наместо сегашните осум групи со по четири селекции, предвидени се 16 групи со по три репрезентации, од кои двете првопласирани ќе се пласираат во нокаут-рунда.
Во постојниот формат, нокаут-фазата почнува со 16, а од 2026-та со 32 селекции. Во ФИФА постои загриженост дека по две кола, последните мечеви би можеле да бидат неинтересни. За да се избегне тоа, се размислувало за повеќе варијанти, вклучувајќи и нудење на победникот во групата „домашна предност“ во следната рунда, односно останување во истиот град. Друга идеја е да се изведуваат пенали по нерешените резултати, а победникот да добие дополнителен бод.

Но како опција се спомнува и зголемување на бројот на натпреварите. Според британскиот весник „Сан“, се разгледува опцијата за 12 групи со по четири селекции, што би значело дека првите две ќе се квалификуваат во нокаут-рундата, како и осум третопласирани со најдобар ефект. Но тоа би значело дека ќе има вкупно 104 натпревари, многу повеќе од 64-те што се играа досега на СП. Кој и да стигне до финалето, пак, ќе мора да одигра еден меч повеќе отколку досега, вкупно осум. Уште позначајно е дека СП би се продолжило за уште една недела и, наместо 28, би се развлекло на 35 дена. ФИФА инсистира на тоа дека уште нема ништо конкретно во оваа фаза на подготовка, но се наведува дека тој план привлекува внимание. Но, од друга страна, проблем секако ќе бидат клубовите и играчите, кои веќе се пожалија на тешкотиите поради зголемениот број натпревари и предолгите турнири. Л.Д.