Целта на ФИФА е да ги спречи богатите клубови да потпишуваат и да „складираат“ играчи, да го охрабри развојот на младите таленти од матичните академии и да промовира рамнотежа во фудбалот

ФУДБАЛ

Светската фудбалска федерација (ФИФА) е подготвена да спроведе ограничувања на бројот на играчи што клубовите ќе можат да ги испраќаат и да ги земаат на заем на меѓународно ниво, по двегодишно одложување поради пандемијата на ковид-19. Целта на ФИФА е да ги спречи богатите клубови да потпишуваат и да „складираат“ играчи, да го охрабри развојот на младите таленти во матичните академии и да промовира рамнотежа во фудбалот, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Сепак, ограничувањата што треба да стапат во сила во јули имаат ограничен опсег, затоа што се изземени играчите на возраст до 21 година и помлади.
Клубовите ќе бидат ограничени на максимум осум играчи дадени и земени на заем во сезоната 2022/2023. Квотите ќе бидат намалени на седум за следната сезона, а потоа на по шест во сезоната што ќе започне на 1 јули 2024 година. Клубовите, исто така, ќе бидат ограничени на заеми на по тројца играчи со партнер(и) од друга земја. Минималниот договор за заем ќе биде меѓу два трансфер-рокови, обично од јануари до јуни-август и обратно, а максималниот до една година. Потпозајмувањето на играч што е веќе даден на заем ќе биде забрането.
Во секоја земја-членка на ФИФА, примената и спроведувањето на правилата временски може да се продолжат на период од три години.
ФИФА, која на оваа проблематика работи од 2017 година, бара начини за модернизација и за појасни „правила на игра“ на трансфер-пазарот, кој вклучува илјадници зделки и вреди милијарди долари годишно. Во овој сегмент најзагрижувачки е фактот што богатите клубови ги купуваат младите играчи, со тоа го намалуваат фондот на достапни таленти и го контролираат пристапот до нив за помалку богатите ривали.