Во финалниот дуел в недела ќе се сретнат Англија и Шпанија

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Фудбалската репрезентација на Англија, која е актуелен европски првак, се пласира во финалето на Светското првенство (СП) за жени, кое се одржува во Австралија и Нов Зеланд. За Англичанките ова е прво мундијалско финале, а до него стигнаа откако со 3-1 ја совладаа репрезентацијата на домаќинот, Австралија.
Избраничките на Сарина Вигман поведоа во 36-та минута со голот на Ела Тун, а Австралија израмни во 63-та минута со фантастичниот удар од далечина на Сем Кер. По голот, Австралија пропушти две добри шанси за водство, а потоа Англичанките се созедоа, па преку Лорен Хемп во 71-та минута ја затресоа противничката мрежа за ново водство, кое беше зголемено на 3-1 во 86-та минута преку Алесија Русо. Ова беше вкупно 20-та победа на Англичанките, а 15-ти пораз досега на Австралијките на мундијалите.
Во финалето, в недела во Сиднеј (12 ч.), ќе се сретнат Англија и Шпанија, репрезентации што досега никогаш не биле светски шампион, додека за третото место, ден порано во Бризбејн (10 ч.), ќе играат Шведска и Австралија. Г.И.